ММС
Банер за Супер7

Објавено на: 12/5/21 3:10 PM

Плаќаме над 60 милиони евра за патишта што немаат лента за запирање – Зошто се лоши патиштата кога државата двојно наплаќа на една делница на автопат?

Трагедијата на делницата Софија – Благоевград, во која во пожар загинаа 45 македонски патници, а седуммина се повредија, ја отвори Пандорината кутија за тоа на какви небезбедни делници се вози во Бугарија, но и во нашата земја. Бугарските обвинители веќе почнаа да истражуваат зошто патиштата во категоријата „автопат„ не ги задоволуваат европските стандарди и имаат еден куп грешки кои го загрозуваат сообраќајот. Македонските, пак, не ни спомнаа дека ќе излезат на терен да ги проверат делниците, барем автопатските на кои има најголема фрекфенција на сообраќај.

Редакцијата на ММС направи мало истражување за тоа по какви автопати и магистрални патишта возиме и дали го добиваме тоа што го плаќаме.

Нема осветлување на автопатот Скопје – Велес

Во Законот за јавни патишта стои дека автопат е категорија на пат со најмалку две возни ленти и една лента за принудно застанување. Но, делниците Катланово-Велес, Тетово-Гостивар и Гостивар-Тетово немаат лента за принудно застанување и затоа тие не припаѓаат во категоријата автопат, иако Државни патишта наплаќа патарини на овие делници. Згора на тоа патот Катланово-Велес е дел од Е-75, Европскиот автопат кој започнува во Варде, Норвешка и завршува во Атина, Грција.

На овие делници често има возила кои имаат проблеми, истите не можат да се отстранат затоа што нема таква лента и на тој начин тоа возило го загрозува сообраќајот на пат каде што се возат поголеми брзини.

ММС го праша Јавното претпријатие за државни патишта зошто се наплаќа патарина на овие делници ако не го исполнуваат условот за категорија на автопат, а оттаму рекоа дека согласно Уредбата за критериуми за категоризација на јавните патишта и нивните ознаки, делниците ги исполнувале условите.

„Според државното, економското, стопанското и сообраќајното значење, како и нивото на изграденост дел од државните патишта се категоризираат како автопатишта, експресни патишта и магистрални патишта (А-патишта) и служат за:

-поврзување на Република Македонија во европскиот патен систем и одржување на континуитет на меѓународната патна мрежа (меѓународните коридори – Е патишта),

-поврзување на патната мрежа со меѓународни патни гранични премини и сообраќајно поврзување со патиштата на соседните држави“, рекоа од Државни патишта, цитирајќи ја Уредбата без да одговорат дали треба да се наплаќа патарина на истите делници.

Железнички премин во Лозово на магистралниот пат Велес-Штип

Генерално, јавноста смета дека не е проблем тоа што се наплаќа патарина се додека се реконструираат коловозите и се вложува во безбедноста на делниците.

Но, македонските граѓани освен патарина плаќаат и надоместок за јавни патишта за моторни возила, кој се плаќа при регистрација на возилата. Патарина се плаќа за користење на дел од пат, односно надоместок за употреба на јавен пат, негов дел или објект на патот (автопат), а надоместок за јавни патишта за моторни возила (патна такса) се плаќа за користење на сите патишта во државава. А ова значи дека на една делница на автопат и плаќате двојно на државата, еднаш на наплатна станица, еднаш при регистрација на возилото.

Од ЈПДП за ММС открија за 2020 година од патарини се остварени приходи од 33,85 милиони евра, додека од патна такса се остварени 28,6 милиони евра или нешто над 60 милиони евра кои треба да се користат за реконструкција на патиштата и одржување на инфраструктурата и патната сигнализација.

Но, на терен не е така. Најголем дел од знаците не се поставени на едно место, хоризонталната сигнализација на места е збунувачка и може да го збуни возачот, тревите околу коловозот не се искастрени, малите камења од одроните најчесто возачите сами ги чистат, а оградите на автопатите или се украдени или се уништени, а претпријатието „Македонија пат“ нема поим за тоа затоа што ретко може да го начекате да работи на патот.

Еден пример е делницата Велес – Штип, односно клучката Велес-Штип-Скопје. Ако доаѓате со возило од Велес кон Штип и сакате да се приклучите кон Скопје, лошата сигнализација може да ве однесе десно за Штип и потоа ќе мора да возите 10 километри пред следната клучка. Знакот „право за Скопје“ е наместен уште кога Кинезите го завршија автопатот Скопје-Штип и никој досега од институциите не го забележал овој пропуст.

ММС го праша ЈПДП и чија надлежност е контролата на автопатите, кражбите на заштитната ограда и надзорот за безбедноста на патиштата.

– Редовното одржување, во кое спаѓа и заштитната ограда, е во надлежност на Јавното претпријатие за одржување на магистралните и регионалните патишта (Македонијапат) кое има обврска да постапува и континуирано да ја заменува оштетената и најчесто нелегално отстранета оградна мрежа на автопатиштата.

Збунувачки знаци на клучката Штип-Велес

Што се однесува до кражбата на патна опрема, сметаме дека нелегалното отстранување на патната опрема треба да е третирано исто како и секоја друга нелегална активност од страна на релевантните институции“, рекоа оттаму.

Инспекциски надзор, пак, над спроведувањето на Законот за Јавни патишта и прописите донесени врз основа на овој Закон, согласно со член 68, врши Државниот инспекторат за транспорт, кој, пак, не беше достапен за ММС.

Орце Костов

 

 

 


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

Банер за Супер7
1x1