ММС
Банер за Супер7

Објавено на: 11/30/21 12:54 PM

Страшен пад на наталитетот: природниот прираст отиде во минус 2.144

Ситуацијата со ковид пандемијата ја измени и сликата со природното движење на населението во државава, со родени и починати лица, склучени бракови и број на разводи. „Белата смрт“ или намалувањето на населението, продолжува. Во третото тримесечје од оваа година бројот на живородените деца, во споредба со истиот период од претходната година, е намален за 3,8 отсто и изнесува 5.065.

Ковид вирусот однесе и многу животи. Така, бројот на умрените лица во третото тримесечје од годинава е поголем за 30,7 отсто во споредба со истото тримесечје од 2020 година и изнесува 7.209 лицa, од кои 14 се умрени доенчиња.

Тоа значи дека, природниот прираст изнесува -2.144. За толку лица е помал бројот на живородените деца, од бројот на умрените лица, објави Државниот завод за статистика.

Бројот на склучените бракови во ова тримесечје од годинава е за 11,7 отсто поголем во споредба со истиот период од минатата година и изнесува 4.398 бракови, додека има 480 извештаи за разведени бракови.

Најновите податоци за природниот прираст се значително полоши и од бројките од пред две години, пред почетокот на пандемијата. Или, во третото тримесечје од 2019 година, според статистичките податоци, се родиле 5.374 деца, а починале 4.701 лице, односно природниот прираст изнесувал 673.

Една година претходно, пак, во 2018, ситуацијата со прирастот на населението била уште подобра. Односно според ДЗС, се родиле 5.654 деца, а починале 4.423 лицa или природниот прираст бил 1.231.

М.Т.


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

Банер за Супер7
1x1