ММС
Банер за Супер7

Објавено на: 12/2/21 11:02 AM

Наместо маргарин, децата ќе јадат путер – МТСП не кажува дали со промената на менито ќе поскапи престојот во градинките

Наместо маргарин децата во градинките ќе јадат путер, ќе пијат незасладено млеко, а чај засладен со мед или со кафеав шеќер.  Ова го предвидуваат промените на Правилникот за стандарди и нормативи за исхрана во градинките. Измените ги најавија од Министерството за труд и социјална политика, а се изготвуваат на иницијатива на УНИЦЕФ и на фармацевтска компанија од Данска. Оттаму истакнаа дека според досегашните анализи неопходно е исхраната во детските градинки да се промени, но од ресорното министерство не одговорија на прашањето на ММС кои се всушност недостатоците на актуелното мени.

-Во процесот на ревидирање на Правилникот за нормативи и стандарди за исхрана во градинките  вклучени се експерти од Институтот за јавно здравје, Стоматолошкиот факултет, Универзитетската клиника за детски болести, Природно математичкиот факултет (катедрата за нутриционизам), Клиника за ендокринологија, Фармацевтски факултет, УНИЦЕФ и Ново Нордиск. По целосните анализи и усогласувањето на сите нивни забелешки ќе се пристапи кон промени на подзаконските акти – појаснуваат од МТСП за Македонски медиа сервис.

Експертите препорачале месечната листа на јадења во детските градинки да биде секој ден различна, бидејќи македонското поднебје располага со богат избор на овошје и зеленчук.

-Тоа подразбира зголемен внес на свежо овошје и зеленчук, замена на конзервираната храна  со замрзната, исфрлање на конзервираните преработки од месо и синтетички паштети, отстранување на додадените вештачки засладувачи, кечапот и мајонезот – велат од министерството.

Меѓу препораките се и наместо маргарин во исхраната да биде вметната употребата на путерот и на ладно цедено масло, млекото како напиток да не се засладува, чајот да се засладува со мед или кафеав шеќер, (медот се препорачува за деца од поголема возрасна група – над 3 години), зачините на супите, чорбите, салатите да бидат со јаболчна и лимонска киселина, да се користат интегрални житарки, брашно, леб и бисквити.

Штом ќе бидат усвоени измените на Правилникот, вработените во градинките, децата и нивните родители ќе бидат едуцирани од стручните лица, но родителите ќе треба да стекнат знаења и за тоа како да го заштитат здравјето на најмалите преку исхраната во семејни услови.

ММС ги праша надлежните кога очекуваат да се финализираат измените на Правилникот, но од таму не одговорија. Прашавме дали зголемениот внес на здрави намирници ќе влијае на сумата која родителите ја плаќаат за престој и исхрана на децата во градинките,  но не ни одговорија, а не открија и какви ќе бидат финансиските импликации врз буџетот на самото Министерство.

Засега се знае дека ќе се земе предвид данското искуство, кое со македонската работна група веќе го споделиле претставници од Данската администрација за ветеринарстсво и храна.

Претходните истражувања покажаа дека исхраната на децата во градинките и основните училишта е со недостиг од свежо овошје и зеленчук и микронутриенти како што се калциум, железо и цинк, а дека децата внесуваат повеќе шеќер и сол од препорачаните количини. На ова укажа и претставникот на УНИЦЕФ, Бенџамин Перкс кој порача дека лошата исхрана влијае не само врз физичкиот, туку и врз емотивниот развој на детето и неговата способност за учење. Од МТСП пак, очекуваат подобреното мени да придонесе како за подобар физички, така и за подобар ментален развој кај децата.

 

Вања Мицевска


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

Банер за Супер7
1x1