ММС
Банер за Супер7

Објавено на: 12/5/21 10:04 AM

Секој што патува може да придонесе за зазеленување на Македонија – Тимот на Трибенкс покажа како можеме сами да си помогнеме

Авантуристите од тимот на Трибенкс преку модерен концепт на собирање средства за купување садници за две години, среде пандемија, успеаја да пошумат неколку голи предели во Македонија.

На последната акција за пошумување во Радовиш, Трибенкс посадија 6.000 дрвца на површина од три хектари за три дена и докажаа дека секој што е загрижен за природата може да придонесе во борбата против загадувањето кај нас.

Тимот на Трибенкс (Treebanks) го предводи инженерот Михаил Стевчев заедно со неговиот татко кој е агроном и неговиот брат лекар по професија.

– Во Радовиш засадивме 6.000 дрвца на површина од три хектари, ова е една од нашите најголеми акции досега. Посадивме три видови на дрва: багрем, бор и чемпрес. Акцијата траеше три дена, во петокот работеше нашиот тим, а за викендот имавме доброволци, меѓу нив и два класа од основното училиште „Никола Карев“ кои засадуваа желади – објасни Михаил за ММС.

Подолг период тимот Treebanks размислувал како да ги искомбинира различните биографии во заедничкa идеја да влијае против глобалното затоплување, односно намалување на стакленичките гасови во атмосферата.

– Ова е комбинација од моето искуство со стартап компании кои работат со туризам и на искуството на татко ми. Во Берлин се запознав со можноста за користење на филијален маркетинг кој може да се искористи за одредена социјална кауза. Оваа нова алатка беше пресудна за создавањето на Treebanks. Со помош на процентот од филијалниот маркетинг од туристички услуги обезбедуваме средства за садење дрво. Така се роди идејата. Брат ми е лекар и тој е задолжен за бирократијата – рече Михаил Стевчев.

Секоја резервација на booking.com направена преку страницата на Treebanks овозможува да се засади едно дрво затоа што тимот добива одреден процент кој го инвестира во садење дрвја. За оние што сакаат да патуваат, услугата нема да ги чини ништо, но ќе бидат дел од мисијата за намалување на последиците од климатските промени и зазеленувањето на нашата земја. Најголемите ентузијасти што сакаат директно да придонесат во зачувување на животната средина можат да учествуваат во акциитe за пошумување како доброволци.

Секој што патува може да придонесе за засадување дрвја во Македонија и притоа да не плати ништо – додава Михаил.

Тимот редовно ги проверува пошумените површини низ Македонија за да види колку се успешни акциите. Садат на локации кои се одредуваат во координација со „Македонски шуми“ или со општините, во зависност од надлежностите.

– Можеше да биде малку подобро, но со акцијата во Радовиш, сум задоволен. Во Велес имаме над 90 проценти успешност во пошумување на езерото. И акцијата во Охрид во урбана средина има над 60 проценти со успешност. Моето искуство досега е да не се прават масовни акции, туку помали, за да имаат поголема успешност – додаде Стевчев.

Пошумувачкиот тим Treebanks има за цел да достигне одржливост и годишно да засадува по околу 100.000 дрвја во Македонија.

– Нашата визија е на долг рок да стигнеме до милион засадени дрвја во Македонија. Сакаме да бидеме успешна приказна во Македонија. Се зголемува постојано интересот, бројот на доброволци е се поголем. Почавме да добиваме донации и на интернационално ниво кои ќе ги објавиме следната година. Планот е да го направиме Treebanks меѓународен проект – истакна за ММС основачот на тимот, Михаил Стевчев.

Орце Костов

фото: Трибенкс


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

Банер за Супер7
1x1