ММС
Банер за Супер7

Објавено на: 12/1/21 12:51 PM

Слики со спој на науката со уметноста и едукацијата – Дафина Шекутковска (31), професорка по физика, подготвува нова изложба

Математиката и физиката како науки, исто така можат да бидат инспирација за уметничко творење. Овој необичен спој ги создава главните мотиви во сликите на Дафина Шекутковска, професорка по физика, па токму и нејзината нова изложба со 17 слики во мешана техника, која ќе ја има во паркот на Франкофонијата на 2 декември, ќе биде на една необична тема: „Убавината на квантните честички и едукативниот систем“.

Таа вели дека поентата во нејзините цртежи е на „обичниот“ човек да му овозможи блиска комуникација со физичките теми и математичките формули. Дафина сликите ги создава за различно време, некогаш за неколку часа, некогаш и за повеќе месеци, а новина на изложбата овој пат ќе биде една скулптура што таа ја изработила од рециклирачки материјали.


„Мојата професија прави да имам предиспозиции кон сликарството, па правам спој на
науката со уметноста и едукацијата. Го доловувам мистицизмот, надреалноста и убавината на науката. Еден дел од изложбата е посветен кон едукацијата на учесниците, образовниот процес и мојот поглед кон образованието. Низ една лесна игра им вдахнувам живот на квантите честички, и низ имагинацијата, се обидувам да претставам како тие физички би изгледале. Секоја од 17 те квантни честици си има свое име и особености. Некои, на пример муонот, изгледаат како да имаат крилја. Тоа е реалноста на мој начин“, вели таа за ММС.


Додава дека, додека црта, медитира. Сликањето ја привлекува уште од кога била дете, а нејзиното прво „дело“ е направено на пет години-цртеж на дрво во паркот каде што си играла секојдневно со своето другарче и боите на тоа дрво се уште стојат! Го офарбале дрвото со темперни бои и од тогаш наваму, желбата за сликање не престанува и постојано се зголемува.


Ова е втора нејзина изложба. Првата на слична тема со 43 слики беше лани во НЛБ Галерија. Една од тие слики беше изложена во „Сачи“ Галеријата во Лондон, а повеќе други слики и во сингапурското списание „Ноушенс“, во комбинација со поезија.
Дафина е и автор на краткометражниот филм „Столче“, со жанр-фикција, кој беше инспириран од вистински настан. Тој беше проектиран во мај годинава, со поддршка на норвешкото министерство за култура. Филмот наиде на одличен прием кај публиката. Таа додава дека овој филм бил прикажан и на Лифт-оф фестивалот во Лондон и во ПајнВудс студиото во Холивуд.

(М.Т)


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

Банер за Супер7
1x1