ММС
Банер за Супер7

Објавено на: 11/27/21 1:58 PM

Двајца од повредените патници веќе се лекуваат на Клиниката за пластична хирургија во Скопје

Пациентка на 17-годишна возраст и пациент на 49-годишна возраст, повредени во автобуската несреќа што се случи на автопатот „Струма” во Република Бугарија, претпладнево се префрлени на лекување во УКЦ  „Мајка Тереза” во Скопје, соопштија попладнево од Министерството за здравство.

Министерот за здравство Венко Филипче, кој ги пречека пациентите,  претходно изјави дека и двајцата се стабилни и се со полесни повреди и оти ќе бидат задржани на лекување на Клиниката за пластична и реконструктивна хирургија.

-Пациентите ќе бидат задржани на опсервација и согласно тоа колку време треба да останат ќе бидат хоспитализирани после што ќе се направи проценка да се испишат на натамошен домашен третман. Пристигнаа колегите од Психијатрија со цел да се даде и психолошка помош што е многу битно во овој момент.  Целосно сме подготвени да ги преземеме овие пациенти и да продолжи лекувањето , изјави министерот Филипче.

Од МЗ најавуваат дека другите пет пациенти од несреќата кои се на лекување во Софија, ќе бидат отпуштени во фази во зависност од нивната состојба. Во несреќата што се случи рано изутрината на 23 ноември на автопатот „Струма” загинаа 45 лица. Според бугарските истражители, жртвите починале од задушување откако автобусот се запалил, а најверојатна причина за несреќата е човечка грешка.

 

МИА


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

Банер за Супер7
1x1