ММС
Банер за Супер7

Објавено на: 11/27/21 12:22 PM

Бугарските претставници ги добија материјалите за истрагата за автобуската несреќа од македонските обвинители

Обвинителството постапувајќи по замолница за правна помош денес, на бугарските претставници им ги предаде ДНК профилите на роднините на несреќно загинатите патници со информација за сродството – соопшти денеска републичкиот јавен обвинител, Љубомир Јовески.

Тој се обрати на заедничка прес конференција со неговите бугарски колеги, истражителот Младен Христов Петров и обвинителот Бисер Јорданов Михајлов.  Ним им се предадени и записниците од испитувањето на вкупно осум сведоци за сообраќајната трагедија, како и предметот оформен во Министерството за транспорт и врски за Беса транс за издавање лиценца за меѓународен слободен превоз заедн со целокупната документација. Бугарскиот тим во земјава, ја доби и целокупната документација за автобусот со кој располага нашето Министерство за внатрешни работи.

„Ова е во интерес на истрагата која според меѓународните стандарди, бидејќи сообраќајната незгода се случи на територија на Република Бугарија, ја води Обвинителството на Република Бугарија. За потребите на Обвинителството на Република Бугарија и за потребите на Обвинителството на Северна Македонија се обезбедуваат и други докази, а се сослушуваат и други лица кои може да дадат сознанија за трагичниот настан, но и за почитување на законот при вршење јавен меѓународен транспорт на патници“, соопшти Јовески.

Тој информираше и дека веќе од утре двајца експерти од Судска медицина ќе отпатуваат за Софија со цел да се забрза постапката на идентификација на загинатите и предавање на нивните тела на семејствата.

Заменикот окружен јавен обвинител на Окружното јавно обвинителство Перник, Бисер Јорданов Михајлов најави дека активностите на надлежните ќе продолжат и деновиве, за да може во најкраток временски рок и по проверката на ДНК анализите, телата на починатите да бидат вратени.

„Се надевам тоа ќе биде во рамките на следната седмица. Не сум специјалист во таа област, но се надевам до крајот на неделата дека телата ќе може да се погребаат“,  потенцира Јорданов Михајлов.

 

(В. Ми)

 

 


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

Банер за Супер7
1x1