ММС
Банер за Супер7

Објавено на: 11/26/21 10:16 PM

ЦО на СДСМ расправа за оставката на Заев и влегувањето на Алтернатива во Владата

Централниот одбор на СДСМ со двочасовно задоцнување, ја почна седницата на која, според најавите, треба да се дискутира за актуелната политичка состојба и окрупнување на парламентарното мнозинство, и да биде разгледана оставката на претседателот на партијата Зоран Заев.

Членот на Извршниот и на Централниот одбор на партијата Мухамед Зеќири, пред седницата изјави дека се очекува Заев да ги информира до каде се разговорите со потенцијалните нови коалициски партнери и да се отвори дебата во однос на неговата оставка.

Заменик претседателката на СДСМ Сања Лукаревска изјави дека имаат повеќе теми за дискусија – следните чекори на партијата, околу парламентарното мнозинство, актуелната политичка состојба.

– Тоа ќе го дискутираме на Извршниот и на Централниот одбор бидејќи самите овие две седници се токму по негово барање, рече Лукаревска околу оставката на Заев.

Членот на Извршниот и на Централниот одбор Петре Шилегов, пак, изјави дека треба да разгледаат неколку сериозни позиции кои се однесуваат на формирањето на политичкото мнозинство, влезот на Алтернатива во Владата. Според него, тоа е извесно да се случи и како што кажа, очекува тоа да биде примарно на дебатата и формирањето на Владата.

– Многу состојби ќе дискутираме, ковид, енергетската и политичката состојба во државата потоа ќе донесеме соодветни одлуки. Не знам дали ќе се расправа за оставката на лидерот Зоран Заев. Ова е редовна седница која беше закажана во вторникот меѓутоа се одложи поради немилите настани во Бугарија, изјави Шилегов.

Во меѓувреме, Централното претседателство на Алтернатива донесе одлука да влезе во преговори за приклучување на владината коалиција. Лидерот на Алтернатива Африм Гаши, како што информира партискиот портпарол Орхан Муртезани, доби овластување да комуницира со сите политички актери, со премиерот и со евентуалниот нов мандатар за да се види каков е нивниот концепт за излез од политичката криза.

Од разговорите и од постигнатиот договор ќе зависи дали Алтернатива дефинитивно ќе влезе во Владата.

Седниците на ЦО на СДСМ и на Централното претседателство во Алтернатива требаше да се одржат во вторникот, но беа одложени поради тридневната жалост по автобуската несреќа во Бугарија.

МИА

 


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

Банер за Супер7
1x1