ММС
Банер за Супер7

Објавено на: 11/26/21 3:56 PM

Биле убиени само затоа што се жени: 22 жртви на фемицид во последните три години во земјава

Фемицидите односно родово базираните убиства на жени од страна на мажи се „скриена пандемија“ која ја загрозува безбедноста на голем број жени и девојки. Од вкупно 26 убиства на жени, извршени во државата во периодот од 2017 до 2020 година, 22 се квалификувани како фемициди, со оглед на тоа што сторители се сегашни и поранешни партнери или други членови на семејството на жртвата, покажува Анализата на случаи на фемициди, која денеска беше презентирана од Националната мрежа против насилство врз жени и семејно насилство.

Авторката на документот, Елена Димушевска порача дека неопходно е да се измени Кривичниот законик и фемицидот да се предвиди како посебно кривично дело.

„Меѓу главните и неопходни препораки е и дополнување на отежнителните околности при квалификација на основното убиство со попрецизно дефинирање на родово базираното насилство, по примерот на европските земји. Согласно ова треба да бидат предвидени и повисоки казни за сторителите на ова кривично дело“, додаде Димушевска.

Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски тврди дека новиот Полициски информациски систем, кој се изработува во соработка со УНДП, ќе овозможи поефикасна борба против криминалот, вклучувајќи ги и случаите на фемициди.

„Анализата на случаи на фемициди, поради веќе воспоставениот концепт на нулта толеранција, ја апострофира определбата на државата дека е потребен сериозен, аналитички пристап, кој се темели на основните постулати за превенција, рана идентификација, брз одговор на институциите во обезбедувањето мерки за помош и за заштита на жените жртви на родово базирано насилство и на семејно насилство“, изјави Спасовски.

Фемицидите како најтешка форма на родово базирано насилство се појавуваат во сите слоеви на општеството, имајќи предвид дека жртвите се со различна возраст, националност и социо-економска положба. Во над 80 отсто од случаите на фемициди, иако и претходно постоело насилство, ниту една од  вкупно 14 убиени жени не пријавила во надлежните институции.

Најголем број од убиствата (50%) се случиле во семејниот дом, односно домот каде што сторителот и жртвата живееле заедно, додека 25% од убиствата се случиле во домот во кој жртвата живеела сама или со своите родители или други членови на семејството. Овој заклучок е само уште една потврда дека жените во Република Северна Македонија се најнебезбедни во својот дом – се наведува во Анализата.

Според невладиниот сектор, застрашувачки е податокот дека дури 6 малолетни деца биле сведоци на убиствата, од кои 4 биле директни сведоци, односно биле присутни во истата просторија кога сторителот го извршувал убиството.

Документот покажува дека висината на изречената казна се движи од 10 години до доживотен затвор (во два случаја), со исклучок на два случаја каде е изречена казна – мерка на безбедност: задолжително психијатриско лекување и чување во здравствена установа.

„Во нашата држава функционираат 11 специјализирани сервиси за згрижување жртви на семејно насилство во шест плански региони, меѓу кои два кризни центри, осум специјализирани советувалишта и центар за жртви на трговија со луѓе. Во текот на пандемијата, заедно со УНДП ја креиравме првата мобилна апликација за пријавување насилство – „Биди безбедна“, која овозможува со само еден клик на мобилниот телефон жртвите да побараат помош и веднаш да се интервенира“, потенцира министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска.

Анализата на случаи на фемициди е реализирана во рамки на проектот „Подобрување на националните пракси за контрола на мало и лесно оружје и градење на отпорни заедници“, кој УНДП го имплементира со финансиска поддршка на Министерството за надворешни работи на Сојузна Република Германија.

„Сите ние треба да посветиме повеќе внимание и на причините, а не само на последиците од семејното насилство. Една од причините за фемициди е пристапот до огнено оружје на сторителите. Статистиката, која е навистина неверојатна, покажува дека дури 99,5 отсто од огненото оружје во државата е во сопственост на мажи. Би сакал да истакнам дека ние во УНДП остануваме посветени на поддршката на МВР за зајакнување на капацитетите за регулирање на пазарот на огнено оружје и за борба против недозволената трговија со оружје“, рече Армен Григорјан, Постојан претставник на УНДП.

Според истражувањето на Организацијата на Обединетите нации за дроги и криминал (UNODC), објавено во 2019 година, 58% од жените жртви на убиство во светски рамки се нaмeрно убиени од нивниот интимен партнер или од друг член на семејството.

„Во рамки на кампањата против родово базирано насилство, пред два дена беше објавен извештај во кој се посочува дека во Германија секој втор ден по една жена настрадува од рацете на нејзиниот партнер или поранешен партнер. Родовиот баланс во секојдневниот живот и во политиката, во сите сегменти во општеството е предуслов за ставање крај на родово базираното насилство“, порача Анке Холштајн, Амбасадорка на Сојузна Република Германија.


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

Банер за Супер7
1x1