ММС
Банер за Супер7

Објавено на: 11/26/21 3:13 PM

Немаме сомнеж дека е пронајдено уште едно тело во изгорениот автобус – информира Љубомир Јовески

Бугарските истражители пристигнаа во земјава за да ги преземат податоците податоците од извршените анализи на роднините на починатите патници во автобусот на „Беса транс“. За ова попладнево информираше републичкиот јавен обвинирел, Љубомир Јовески на првата прес конференција во Скопје по трагедијата во Бугарија. На бугарските претставници, ДНК анализите ќе им бидат предадени во текот на утрешниот ден.

„Покрај тоа, на бугарските претставници ќе им ја доставиме сета документација што досега е обезбедена од јавното обвинителство, пред сѐ документацијата одземена од Беса транс, потоа во делот на регистрацијата на автобусите, како и податоци од Министерството за транспорт и врски“, изјави Јовески.

„Во текот на денешниот ден Обвинителството до надлежните бугарски власти упати замолница за да присуствуваат во експертизата во утврдувањето на идентитетот на починатите лица, и двајца претставници од Институтот за судска медицина во Скопје единствено со намера да се забрза процесот на идентификација на жртвите во оваа тешка сообраќајна трагедија“, додаде обвинителот.

Тој посочи дека во изгорениот автобус е пронајдено уште едно тело на починат патник, односно на лица на помлада возраст.

Со оглед на тоа, според него, во оваа сообраќајна трагедија настрадале 45 лица, а седум се пренесени на лекување во Софија.

„Со оглед на тоа, во оваа сообраќајна трагедија настрадале 45 лица, а седум се пренесени на лекување во Софија. Немаме сомнеж во пронаоѓањето на уште едно тело во изгорениот автобус. Станува збор за големи оштетувања на автобусот, тој од местото на незгодата е пренесен на друго место. Издадени се наредби за вештачења во делот на неговата техничка исправност и во делот на избувнувањето на пожарот, при тоа во дел од автобусот најдено е уште едно тело. Ја уверувам јавноста да нема сомнеж во овој дел. Тоа ми го потврдија обвинителите на Бугарија и според тоа овој факт треба да сметаме дека не е спорен. Немам детали, пронајдено е во изгорените делови на автобусот. Сето тоа ќе се утврди во текот на истрагата која ја водат надлежните органи“, истакна Јовески.

Одговарајќи на новинарско прашање за тврдењето дека се спасени осум, а не седум лица, тој рече дека ова го споменува само едно од повредените лица во болницата, додека документацијата укажува на нешто сосема друго.

„Евиденцијата на болницата е дека се примени на лекување седум лица и тој факт не се доведува во прашање. Во забележување во една таква ситуација, трагична атмосфера, може да има различни забележувања на одредени факти“, додаде Јовески.

 

(В. Ми)


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

Банер за Супер7
1x1