ММС
Банер за Супер7

Објавено на: 11/26/21 1:15 PM

Болните од ревматичен артритис останаа без лекот „Актемра“ што се користи и за ковид- Пациенти велат дека на црниот пазар чини 600 евра

На Универзитетската клиника за ревматологија има дефицит на лекот „Актемра“ кој се користи како болничка терапија за пациенти со ревматичен артритис, а во последното време и за лекување на пациенти кои се заразени со ковид-19 и се наоѓаат во тешка здравствена состојба.

Пред неколку дена на Ревматологија на пациентите кои ја примаат биолошката терапија со „Актемра“, како инјекција  и тоа еднаш или двапати неделно, им било речено дека во моментов нема залихи, затоа то се пренаменети за ковид пациентите и дека не треба да доаѓаат на Клиника за да добијат терапија, туку да чекаат повторно да им се јават откако ќе биде набавен лекот.

ММС се обрати до Министерството за здравство и праша зошто има дефицит на лекот кој им е неопходен на хронично болните пациенти и дали лекот „Актемра“ се користи за терапија на ковид-пациенти. Оттаму потврдија дека Ковид центрите во земјава го користат лекот за лекување на одредени пациенти,  и дека на болните им се дава исклучиво во болнички услови.

„Лекот Актемра е болничка терапија и истиот не може да се купи приватно во аптека. Ковид центрите во државата за лекување на одредени пациенти, го користат овој лек, а на болните истиот им се дава исклучиво во болнички услови. Нема направено пренамена на лекот од една кон друга Клиника, ниту пак од лекот се чуваат залихи. Конкретно Клиниката за ревматологија во Скопје, добила писмено известување од производителот на лекот, дека ќе има застој од две недели за испорака. Производителот ја информирал Клиниката дека веќе од следната недела лекот повторно ќе биде достапен“, потврдија од Министерството за здравство.

Во врска со давањето на оваа терапија на ковид-болните, ММС ја побара и директорката на Инфективната клиника во Скопје, д-р Милена Стевановиќ која, како што ни рече,  немала време да разговара со секој новинар поединечно и не упати да поставиме прашања до Министерството за здравство кои потоа и ги препраќа за да ги одговори.

Лекот за ревматичен артритис „Актемра„ или „тоцилизумаб“ на швајцарската компанија Рош е многу скап. Кутија со четири наполнети инјекциски шприца доволни за една месечна терапија чини 51.442 денари без ДДВ според официјалните податоци на Фондот за здравство, а пациентите кои го примаат лекот плаќаат партиципација од 10%.

Од министерството тврдат дека лекот не може на приватно да се набави и затоа го немаат ниту приватните клиники кои лечат исто така потешки случаи на ковид-19, но ММС откри дека може да се набави на црниот пазар.

-Маж ми се лечи во приватна клиника. Ми се јави лекарот и ми сугерираше да најдеме две инјекции „Актемра„ кои треба да му помогнат на болниот од вирусот, да не ги нападне останатите здрави органи, односно ќе спречи прекумерна реакција на имунолошкиот систем кај пациентот, вели сопругата на пациентот за ММС.

Сопругата ги набавила двете инјекции преку приватна аптека која врши достава од Грција, и двата лека ја чинеле 1.200 евра, односно по 600 евра од инјекција.

Од Министерството не одговорија дали знаат дека за потребите на приватните клиники лекот се набавува по 600 евра од инјекција.

Лекот за ревматичен артритис „тоцилизумаб“ го намалува ризикот од смртност кај пациентите кои се хоспилатизирани со тежок облик на ковид-19, го скратува времето на заздравување и ја намалува потребата од механичка вентилација, покажаа резултатите на универзитетот Оксфорд.

„Актемра“ е противвоспалително моноклонално антитело кое делува така што го намалува протеинот интерлеукин-6 (ИЛ-6) кој пациентите со ревматичен артритис и некои други автоимуни болести го имаат премногу и истиот предизвикува воспаление. Лекот го блокира тој протеин и така воспалението се смирува, па се смета дека би можел да спречи и прекумерна реакција на имунолошкиот систем кај некои пациенти со коронавирусот. Се работи за цитокинска бура поради која воспалените молекули го отежнуваат дишењето, односно вирусот оневозможува нормална работа на белите дробови и проток на кислород.

Орце Костов

 

 

 


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

Банер за Супер7
1x1