ММС
Банер за Супер7

Објавено на: 11/26/21 12:43 PM

На секое слободно работно место, има 47 невработени- истражување на МОТ и „Фајненс тинк“

Постојат големи разлики на пазарот на труд во девет општини во државава: Битола, Кичево, Куманово, Ресен, Свети Николе, Струга, Струмица, Тетово и Штип, од аспект на образование, недостиг на квалификувана работна сила, суфицит во поголема понуда, од побарувачка за одредени занимања, и дефицит за работна сила со средни вештини. Ова го покажале резултатите од истражувањето на Меѓународната организација на трудот (МОТ) и „Фајненс тинк“, преку проектот Зајакнување на социјалниот дијалог, финансиран од Европската Унија.

За секое слободно работно место од регионот, има и до 47 невработени лица, покажало истражувањето, како и дека од аспект на занимање, суфицитарните јазови на поголема понуда од побарувачка за работна сила, се кај занимањата со високи вештини, особено правните и општествените струки и во областа на образование и култура.

„Но, јаз има и кај лицата без занимање, со основно образование, и оние со гимназиско средно образование. Кај занимањата со средни и ниски вештини доминира недостиг од работници со средно образование. Иако, во споредба, со високите вештини, кај средните и ниските вештини, јазовите според образование се позастапени. Тоа упатува дека занимањата се соодветни, но потребна е докфалификација“, стои во извештајот.
Обуките од образовниот систем, не соодветствуваат со потребите на компаниите, се посочува во доументот, а последните иницијативи за поврзување на стручни училишта и бизнис секторот се во насока за ублажување на овој проблем.

„На среден рок потребно е преосмислување на програмите/насоките и на вештините коишто ги нуди стекнатата диплома, во согласност со потребните занимања на пазарот на труд и според потребните вештини (на пример, вештини поврзани со СТЕМ-науките, аналитички вештини, критичко размислување и слично)“, стои во препораките на извештајот и се додава дека дијагностиките на локалните пазари на трудот се изработени за потребите на локалните економско-социјални совети, со цел да понудат подобри препораки при дефинирањето на политиките и плановите за образовните приоритети и за пазарот на трудот на локално ниво.


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

Банер за Супер7
1x1