ММС
Банер за Супер7

Објавено на: 11/25/21 12:33 PM

Над 6 отсто од домаќинствата имаат катастрофално високи трошоци за здравствени услуги, посочува извештај на СЗО

„Во 2018 година, над 6 отсто од домаќинствата во Северна Македонија имале катастрофални трошоци за здравствена заштита, големи приватни плаќања мерено според капацитетот на домаќинството да плати за здравствена заштита. Катастрофалните трошоци најмногу ги погодуваат посиромашните луѓе и домаќинствата со постари членови. Тие се должат главно на приватни плаќања за лекови“. Тоа се посочува во извештајот на Светската здравствена организација (СЗО): „Дали луѓето можат да си дозволат да платат за здравствена заштита? Нови докази за финансиската заштита во Северна Македонија“.

Извештајот посочува дека граѓаните од државава сѐ повеќе имаат пристап до јавно финансирана здравствена заштита, но катастрофалните трошоци за здравствена заштита остануваат предизвик. Во него се испитува до кој степен граѓаните се соочуваат со финансиски проблеми кога користат здравствени услуги.
„За прв пат, имаме сеопфатни, силни податоци и можност да го сумираме напредокот во областа на финансиската заштита што го направи Северна Македонија во последните години“, рече д-р Ханс Хенри П. Клуге, регионален директор на СЗО за Европа.
Според евроамбасадорот Дејвид Гир, во последните години ЕК постојано ја потенцира потребата од инвестиции во опрема и капацитети, како и мерки за запирање на одливот на медицински персонал. Во Северна Македонија, според Гир, особено се потребни мерки за отстранување на здравствените нееднаквости, вклучително и преку зајакнување на националниот систем за здравствено осигурување.
„Добро е да се види дека состојбата со пристапот и финансиската заштита се подобрувала пред пандемијата. Сепак, наодите од Извештајот покажуваат дека овие теми заслужуваат повеќе внимание во заложбите, да создаде подобар систем од оној пред кризата“, рече д-р Џихан Тавила, претставникот на СЗО.
Финансиските тешкотии поради формални и неформални приватни плаќања се одраз на постојаните празнини во опфатот со здравствена заштита, посочува Извештајот, а тоа се: дел од населението е неосигурено; опфатот со лекови е ограничен; заштитата од кориснички трошоци (партиципација) е недоволна. Покрај тоа, уделот на јавните расходи за здравствена заштита во БДП опаѓа.
Во Извештајот се препорачува дека треба: да се опфати целото население со прекинување на врската помеѓу правото на здравствена заштита и плаќањето придонеси за здравствено осигурување, така што пристапот до здравствена заштита повеќе нема да зависи од здравственото осигурување; да се направат лековите подостапни за луѓето преку стратешки набавки и редовно ажурирање на позитивната листа, ослободување на повеќе луѓе со ниски приходи од кориснички трошоци (партиципација) и проширување на годишното ограничување на партиципацијата на сите видови партиципација и да се отстранат причините за неформални плаќања, почнувајќи со подобро следење на нивната улога и големина.

„Министерството за здравство ќе се обврзе да ги спроведе препораките од Извештајот, за да се намалат финансиските тешкотии со кои се соочуваат граѓаните при користењето здравствени услуги“, истакна министерот за здравство Венко Филипче.

М.Т.


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

Банер за Супер7
1x1