ММС
Банер за Супер7

Објавено на: 11/24/21 7:51 PM

„Општина Тетово должи над 24 милиони евра“, рече градоначалникот Касами и ја налути советничката група на ДУИ, па ја напуштија седницата

По децениското криење на долгот на Општина Тетово како една од најзадолжените локални самоуправи во државата, денеска новиот градоначалник на Тетово Биљал Касами објави дека општината должи над 24 милиони евра. Касами ова го објави од говорницата на втората седница на советот на Општина Тетово, а на советниците им даде листа каде беа набројани обврските на општината кон приватниот сектор, јавниот сектор, приватни лица, некнижени обврски според договори и ставка именувана како сомнително договорено обврски.

Откако претседателот на Советот, Бесар Дурмиши го најави обраќањето на градоначалникот со образложение дека има да сподели јавна информација, советничката група на ДУИ партија која пред неколку недели ја водеше оваа општина, веднаш ја напушти седницата.

-Сакам да го информирам советот за извештај кој е подготвен и кој ќе биде објавен јавно. Досега е констатирано дека Општина Тетово има над 864 милиони денари, училиштата над 4 милиони, ЈКП Тетово над 596 милиони, градски паркинг над 11 милиони денари или вкупно една милијарда 477 милиони 120 илјади и 659 денари или 24 милиони 18 илјади и 222 евра, истакна од говорницата градоначалникот Биљал Касами.

Пред осум години претходната градоначалничка на Тетово, Теута Арифи, откако ја презеде обврската да го води градот, истакна дека првично општината должи над 8 милиони евра, но вистинскито долг се до денеска не се откри. Таа уште тогаш рече дека ќе направи ревизија за направениот долг, изразувајќи сомнеж во претходното раководство на ДПА на чело со Сади Беџети како градоначалник. Но наместо ревизија, долгот се зголеми двојно.

Инаку на почетокот од годинава во истражувачката сторија во рамките на проектот „Заедно во борба против корупцијата“, кој беше финансиран и поддржан од Делегацијата на Европската Унија, се посочи дека Тетово, заедно со општините Охрид и Карпош се во врвот на најзадолжени општини.

Овој податок се темелеше на објавата на Министерството за финансии, во кој стоеше дека заклучно со третиот квартал од 2020, долгот на Општина Тетово во септември 2020 изнесувал 9,4 милиони евра, што е за речиси 15 милипони евра помал долг од тоа што денес го објави Касами.

На денешната седница на Советот на Општина Тетово која беше вонредна, поради трагедијата со автобуската несреќа беше донесена одлука да се додели помош од по 60 илјади денари на семејствата на луѓето кои ги загубија животите во сообраќајната несреќа во Бугарија кои се со живеалиште во Тетово. На седницата беше донесена одлука за прифаќање на помош од Светска банка со која ќе се набавува камион и контејнери за смет за комуналното претпријатие.

Зоран Димовски

 


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

Банер за Супер7
1x1