ММС
Банер за Супер7

Објавено на: 11/24/21 7:16 PM

„Горди сме што сме хармоникаши“ – Зошто Пеце Матевски и Јове Кекеновски треба да се срамат затоа што свират хармоника?

Пеце Матевски е прв човек на РЕК Битола, кој досега беше директор на термоелектрани, е веста што утрово дојде од ЕСМ, која најавува и други смени на директори. Но, само неколку часа подоцна почнаа навредите – Пеце е хармоникаш.

Ова е нешто слично што на времето му се случуваше на Јове Кекеновски, кој кога реши да почне да се занимава со политика,  исто така беше нарекуван – хармоникаш.

Без намера некого да браниме или да ги пребројуваме партиските вработувања со несоодветни кадри и на оваа и на претходната власт, преку искуствата на Матевски и Кекеновски се обидовме да одговориме на прашањето- зошто на некој музички талентиран човек би требало да му биде срам што знае да свири на некој инструмент? Односно зошто треба да се срами затоа што знае да свири хармоника, а притоа има завршено високо образование и воопшто не заостанува зад оние што ги викаме експерти, а сите сме свесни дека некои од нив и не го заслужуваат тој епитет.

ММС стапи во контакт со Матевски, кој ни рече дека воопшто не се срами што бил музичар и што бил комерцијалист во друга фирма, бидејќи и во двата случаи лебот чесно си го заработувал.

-Да, свирев хармоника во повеќе групи, во „Ивент“, „Чардак“, па „Соната“ и многу други. Но, и дипломирав на машинскиот  факултет во Битола во 2002 година, отсек индустриски менаџмент. По дипломирањето не можев, како и многу други млади, да се вработам, бидејќи моравме да чекаме некој да си ги описмени своите кадри, да завршат тие факултет и да ги вработат. А што требаше јас да правам? Да не свирам? Да не работам ништо? Па, мене ми е гордост што бев комерцијалист во таа фирма. Јас на оваа функција не дојдов со осмо одделение или средно школо, ниту, пак, со купена диплома. Не дипломирав во вечерно училиште или во Бугарија. Најредовно си завршив факултет во Битола, а во 2016 година магистрирав  менаџмент на човечки ресурси. Имав чест да учам од стари искусни професори на Техничкиот факултет во Битола. Тоа може да се провери. Туку ако нема како да го оцрниме човекот, ќе го оцрниме вака. Но, нема да ме оцрнат, јас сум горд што знам да свирам музички инструмент, што свирам хармоника. Јас можам да се занимавам со било што, ај тие нека земат нека свират, вели тој и додава:

-Над 20 години се занимавав со музика. Моето  семејство има музички гени. Син ми оди во музичко, внуката од сестра ми е четврта година музичко и една од подобрите. Јас не сум крив што такви се гените. Не можам да ги разберам луѓето во што е проблемот што знам да свирам хармоника. Ова е многу ниско размислување, па секој човек си има свои способности и афинитети. Што е грешно? Грев е ако некој свирел музички инструмен, а тоа чесно си го работел? На некого му пречи? Мислам дека луѓето што свират музички инструмент се поинтелигентни. Ако е страшно да свириш на некој инструмент, тогаш зошто децата од мали ги праќаме во музичко школо, ги учиме да свират. Ако не ајде дирекно на политички науки да ги запишеме, вели тој за ММС.

Јове Кекеновски,  своевремено, кога реши да почне политичка кариера требаше исто така да се срами дека знае да свири хармоника и тоа многу добро и талентирано. Тоа беше во 1991 година, кога стана потпретседател на Собрание на Град Скопје. А Кекеновски беше дел од мошне сериозната и успешна група „Мераклии.

-Што ако место хармоника човек знае да свири саксофон или гитара или пијано? Зошто доктор може да свири инструмент и тоа не му го земаат за зло, туку некој кој е хармоникаш, а притоа учел паралелено? Што е таа фобија и малициозност? Да, да и јас и тогаш, а и денес се соочувам со тоа. Читам ноти, пишувам аранжман, сум имал концерти, прв солистички концерт сум направил, мој хармоникашки. Освен тоа и сум бил на натпревари низ Југославија и три пати сум бил втор, три пати трет на натпревар, каде се појавувале по неколку илјади натпреварувачи. И сега некој полуписмен, непрошетан ќе треба да ја коментира мојата уметност, односно мојата виртуозност. А притоа сум дипломирал Правен факултет, па магистратура и докторат на политички науки. Имам преку 80 научни трудови, вели Кекеновски за ММС.

Тој 25 години апстинираше од хармониката, но последните две години се врати на првата љубов и сними три нови авторски  композиции. Сега во подготовка е, вели тој,  Унгарски танц бр. 5 од Брамс, кој ќе го снима во свој аранжман.

-И сега, треба ли јас некому да се докажувам кој сум и каков сум или да се правдам на такви неизживеани. Тоа кажува колкава е културата во Македонија. Клинтон можеше да свири саксофон, Путин да свири пијано и за нив да се воодушевуваат од цел свет. Па секаде во светот само ќе ти се поклонуваат и со пиетет ќе зборуваат за тебе, а овде само простата маса реагира вака како што реагира. За жал. Па ние имаме терористи кои станале политичари, полуписмени кои станале политичари, а од друга страна јас сум виртуоз на хармоника и треба ли некому да му пречи,  вели Кекеновски и поентира:

-Секој оној кој ќе се обиде професијата хармоникаш, независно дали професионално се занимавал или од хоби со хармоника, да го прикаже во еден пежоративен аспект, јас само им се насмевнувам и тоа им го препишувам на нивниот простотилак, нецивилизираност и неедуцираност. Или, пак, на завист, затоа што си поквалитетен од тој што се обидува да те навереди. Ама тој сам се навредува со својот простотилук и неедуцираност, рече Кекениовски за ММС.

Весна Миленковска

Фото: Фејсбук

 

 


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

Банер за Супер7
1x1