ММС
Банер за Супер7

Објавено на: 11/24/21 6:00 PM

Бензин или средства за чистење, туби или двоен резервоар – Што ја предизвикало експлозијата на автобусот?

Автобусот на „Беса Транс“ кој вчераутро се запали на делницата Софија – Благоевград и предизвика пожар, во кој изгореа 45 патници кои се враќале од екскурзија од Истанбул кон Скопје, не можел да го предизвика резервоарот со дизел гориво какво што користи возилото или туби со нафта како што тврдеа бугарските експерти на првиот ден од несреќата.

Меѓу експертите беше и Васко Пиргов, секретар на Регионалниот совет за безбедност на Перник кој меѓу првите пристигнал на местото на несреќата. Тој во интервју за бугарската национална телевизија рече дека автобусот удрил со предната десна гума во знак што летнал 45 метри, а пожарот избил од предниот дел на автобусот. Според полицијата кај резервните гуми имало туби со нафта.

Сопственик на автобуска компанија од Македонија, која долги години врши превоз на патници во внатрешниот и меѓународниот сообраќај за ММС откри дека експлозијата таква каква што ја опишаа бугарските истражители не можела да биде предизвикана од резервоарот за нафта или самото гориво кое го движи моторот на автобусот.  Сопственикот на компанија за превоз на патници, која поседува многу автобуси,  сакаше да остане анонимен  само во интерес на истрагата и од почит кон настраданите граѓани. Тој рече дека од негово досегашно долго искуство во оваа бранша, каде се сретнал со се и сешто,  може да претпостави што се случувало, но никако не тврди дека тоа се вистинските  причини за несреќата, односно дека тоа сепак, ќе си го покаже истрагата.

„Сите знаеме дека нафтата не се пали така. И да се запали, ќе имале време да реагираат. Тука има нешто што ги спречило возачите да реагираат. Тие биле будни напред и можеле да ја скршат шофершајбната, која се вади со посилен удар со нога и ќе ги евакуирале патниците.  Резервоарот на автобусите од поновите генерации се наоѓа пред предното десно тркало. Не може да експлодира, може да се запали, но и да даде доволно време за реакција“, вели за ММС сопственикот.

Тој се сомнева дека оние туби што ги спомнува полицијата биле полни со бензин и дека во автобусот можеби имало и двоен резервоар или средства за чистење кои се исто така лесно запалливи, а што не е тајна дека се увезуваат на црно, поради евтината цена во Турција.

Ретко кој во јавноста знае дека фабричкиот резервоар на автобусот е на предната десна страна и дека некои превозници вградуваат двојни резервоари на левната предна страна кои ги полнат со гориво за препродавање, посебно од земји како Турција каде што бензинот и дизелот се околу 42 денари што е речиси двојно поевтино отколку во Македонија.

„Цистерни со нафта се палеле но никоја не експлодирала така лесно. Се шпекулираше дека канти стоеле до возачот, ама тоа се крие доле во багажниот простор, не може да возиш и да мирисаш бензин или нафта. Велат дека е грешка на возачот. Грешка се прави, возачот може да се збуни, посебно на таа делница која не е добро одбележана и можеби мислел дека е исклучувањето за Дупница, но ударот не бил страшен за да загинат луѓето од таа грешка. Автобусот удрил и возачот го контролирал и повторно го вратил автобусот назад. Значи бил свесен. Но, прашањето е зошто не можел да реагира откако се запалил автобусот. Ова е како да ги полеал некој со бензин луѓето. Па, во трагедијата кај Ласкарци со автобусот на „Дурмо турс“ имаше потежок пад на возилото кое се преврте, но не загинаа толку луѓе и не експлодираше нафтата“, истакна соговорникот на ММС.

Она што е сигурно, според соговорникот, е дека пожарот настанал во предниот дел на автобусот, а не кај моторот затоа што овие понови возила имаат вграден противпожарен апарат кој се активира на температура.

Вграден апарат за гасење кој се активира на повисока температура и сам го локализира пожарот во моторот

– Има автобусот специјално вградена боца за пожар за не дај боже ако се запали моторот и таа се активира на температура. Тоа е само ако моторот има ситен пламен. Но, возачите не стигнале до оваа боца затоа што се случила експлозија.

Согласно Законот за транспорт во патниот сообраќај, Царинската управа на граничните премини има овластување и мора да го врати превозникот, доколку не поседува извод од лиценца.

– Тие со фалсификат тестови за ковид беа фатени па никому ништо. Ова е голема катастрофа, млади деца починаа. Одговорност треба да има кај самите фирми. Како можеш да си дозволиш да возиш запалливи материјали со патници внатре. На цариникот ќе му дадеш 100 евра и тој ќе ги земе, ама ти треба да бидеш одговорен – додаде нашиот извор.

И Здружението на жртви од несреќи  ја поставува хипотезата дека шверц на гориво е причина за пожарот.

– Во интерес на вистината, пракса е од таму (Турција) да се купуваат запаливи работи, вклучително и плински боци и гориво, бидејќи горивото во моментов е исклучително поевтино отколку кај нас, вели Илија Тодоров од Здружението на жртви од сообраќајни несреќи.

Погрешни и избледени хоризонтални ознаки, немање патна сигнализација, лоша состојба на рефлектирачката сообраќајна сигнализација, можен шверц на гориво или човечка грешка, се дел од можните причини кои ги посочија и експерти за безбедност на патиштата во Бугарија.

Автомобилистот Румен Дунев за „Денот почнува” на БНТ рече дека автобусот имал двапати пат на кочење и дека возачот на автобусот не спиел. Дунев тврди дека автобусот се запалил уште пред да ја однесе заштитната ограда од свртувањето.

Тој, исто така, посочува дека доколку на автобусот му пукнала гума, тогаш би требало да има траги од неа и на асфалтот.

– Во моментот кога се качува на островот, нема траги од бандажот и гумата, што нè наведува да веруваме дека најпрвин дошло до експлозија во автобусот. Тогаш возачот почнал да оди прво десно и да ја намалува брзината, бидејќи по сударот автобусот буквално со многу мала брзина тргнал на левата лента и бидејќи бил тежок, ја скршил заштитната ограда и паднал во просторот меѓу двете заштитни огради, вели Дунев.

Орце Костов

фото: МИА

 

 

 


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

Банер за Супер7
1x1