ММС
Банер за Супер7

Објавено на: 11/24/21 1:45 PM

„Соништата завршија во пепел“: Учениците од ОУ „Исмаил Ќемали“ маршираа во чест на загинатите соученици

Петмина ученици од деветто, осмо, шесто и второ одделение веќе никогаш нема да седнат во клупите на Основното училиште „Исмаил Ќемали“ во Скопје. Тие се меѓу загинатите при вчерашната трагедија со автобусот на „Беса транс“ во Бугарија. Нивните соученици и наставници денеска преку марш им оддадоа почит и на плоштадот Скендербег во Скопје положија цвеќе во нивна чест.

„На маршот има околу илјада деца со своите наставници и наставнички. Сега сме многу емоционални, но ова е нормално. Пет деца од лицата кои вчера загинаа се од нашето училиште. Две деца се од деветто одделение, едно дете од осмо, едно од шесто и најмалото е девојче од второ одделение“, посочи Метуш Мемеди, наставник во ова училиште.

Тој и неговите колеги околу еден час пред маршот биле во домовите на фамилиите.

„Тие нѐ примина, многу беше тешко, сите плачеа“, додаде наставникот.

Тој рече дека децата биле многу интелигентни и само сакале да се прошетаат до Истанбул.

Соучениците на загинатите деца маршираа од училиштето до плоштадот Скендербег со цвеќиња и транспаренти испраќајќи порака дека „соништата завршија во пепел“.

 


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

Банер за Супер7
1x1