ММС
Банер за Супер7

Објавено на: 11/24/21 12:41 PM

Разрешени двајца директори во РЕК Битола, следуваат и други – Дали Владата со тоа ќе ја реши енергетската криза?

Енергетската криза во земјава и недостигот од јаглен за потребите на РЕК Битола и на ТЕЦ Осломеј Владата почна да ги „решава“ со кадровските промени. Како што соопштија од државната ЕСМ, на седница на Управниот одбор е донесена одлука за кадровски промени во РЕК Битола и во ТЕЦ Осломеј.
„Разрешен е директорот на РЕК Битола Златко Ќурчиевски и на негово место за в.д. директор е назначен Пеце Матевски, досегашен директор на Термоелектрана. Во РЕК Осломеј,пак,  разрешен е директорот Златко Пиперкоски и на негово место за в.д. директор е назначен Стојан Мицкоски, досегашен технички директор во Рудници. Во следните денови ќе бидат извршени и други кадровски поместувања внатре во комбинатите, со цел подобрување на процесот на производство и соочување со предизвиците од енергетската криза“, соопштија од ЕСМ.

Само пред една недела министерот за економија Крешник Бектеши на прес конференција изјави дека за проблемот со недостигот од јаглен за производство на струја за потребите на домашниот пазар, не гледа вина и конкретна одговорност во директорот на ЕСМ Васко Ковачевски, ниту кај директорот на РЕК Битола. Избегнувајќи да каже каде лежи одговорноста за енергетската криза, тој нагласи дека Владата ги чека извештаите од ЕСМ и од МЕПСО за да види какви мерки презеле во ситуацијата и дали се работело според плановите во изминатите месеци. Па, зависно од извештаите, ако треба, ќе се бара одговорност од раководствата.

Очигледно, извештаите, сепак, покажале дека раководниот кадар во РЕК Битола и во ТЕЦ Осломеј е виновен за кризата ви енергетскиот сектор, иако од Владата не соопштија повеќе детали.

„Мое лично мислење е дека има одговорност, но најпрво да се справиме со енергетската ситуација, па потоа ќе реагираме за личната одговорност“, изјави на последната прес конференцијата Бектеши, убедувајќи ја јавноста дека наскоро ќе се набави јаглен и домашните капацитети ќе произведат доволно струја, како и дека сме обезбедени со увоз до крајот на ноември.

Во меѓувреме, привршува триесетдневната енергетска криза што ја прогласи Владата на 9 ноември. За РЕК Битола се набавени само 90 илјади тони јаглен од потребните околу еден тон. Од ЕСМ соопштија дека ќе има пак нов јавен повик, без рокови, кој ќе биде отворен целата грајна сезона, за да се  обезбедат уште 810 илјади тони за РЕК Битола како и 170 илјади тони јаглен за РЕК Осломеј.

Од државниот буџет Владата веќе издвои 65 милиони евра за енергетските компании ЕСМ и МЕПСО за увоз на струја и за стабилизирање на производството, а неизвесно е со уште колку пари ќе се интервенира.

Домашната цена за мегават-час електрична енергија е се уште 36,1 евро, а од јануари следната година е можно да се зголеми, како што најави Владата. Увозната цена за мегават-час деновиве се движи меѓу 250 и 300 милиони евра.

Речиси 12 милиони евра досега плати ЕСМ во текот на овој месец за набавка на дополнителни количини струја од увоз.

ЕСМ дневно произведува околу 4.200 мегават часови, а потребите на пазарот во зимските месеци се околу 20.000 мегават часови дневно.

Маја Томиќ


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

Банер за Супер7
1x1