ММС
Банер за Супер7

Објавено на: 11/24/21 10:11 AM

Испратив нота до бугарското МНР, чекаме одобрение нашите експерти од судска медицина да се вклучат во идентификацијата – изјави Османи од Софија

Преживеаните се во добра здравствена состојба и дел од операциите веќе се завршени. Дел ќе завршат во текот на денешниот ден – информираше министерот за надворешни работи, Бујар Османи од болницата „Перогов“ во Софија.

„Тука сум и да ја олеснам комуникацијата помеѓу семејствата и институциите во Бугарија за да може да се забрза процесот на идентификација“, истакна Османи.

Тој додаде дека бугарските институции веќе ја имаат почнато истрагата за трагедијата која се случи со автобусот на „Беса транс“ вчера во раните утрински часови. Сепак, уверува дека и нашите експерти се подготвени да помогнат.

„Експертите по судска медицина се веќе овде, очекуваме да бидат вклучени во процесот на идентификацијата, важно е семејствата да бидат информирани на време за да може што поскоро да се заврши овој процес и постанките да ги донесеме во Скопје“, додаде Османи.

Шефот на дипломатијата посочи дека во Бугарија веќе се и двајца дипломати, искусни искусни конзуларци кои би можеле да им помогнат на луѓето.

„Јас тука ќе бидам цел ден, а веројатно ќе бидам и утре за да се олесни оваа координација. Многу е важно да се заврши навремено и луѓето да бидат информирани. Уште од вчера воспоставивме јасна координација помеѓу институциите, цело време сме во комуникација. Очекуваме така да продолжи наредните денови“, посочи Османи во кусата изјава за медиумите утрово.

Тој рече дека семејствата чекаат информации за загинатите, но сепак тоа не може да се потврди бидејќи како што рече, се чекаат информациите од судско-медицинската идентификација.

„Ги објавив имињата на повредените, бидејќи на некој начин индиректно се подразбира дека тие што не се во болницата, се дел од загинатите. Тоа не можеме да го потврдиме додека не се направи идентификација“, нагласи министерот.

Одговарајќи на новинарско прашање колку ќе трае процесот на идентификација, рече дека тоа не може да се одреди бидејќи сите процедури се одвиваат индивидуално.

„Имавме ситуација при која нашите експерти сѐ уште не се вклучени во тимот. Вчера пуштив една нота до МНР на Бугарија и до Обвинителството со барање нашите експерти да бидат вклучени. Го очекуваме одобрението за да може и нашите професори да се вклучат. Голем дел од луѓето се од општината од каде што доаѓам, но не можам ништо да им потврдам бидејќи треба после идентификација тоа да се направи. Сепак ги објавив имињата на преживеаните. Не можам да ги потврдам имињата на починатите. Тоа ќе мора институциите во Република Бугарија да нѐ известат дека е завршена идентификацијата и ние ќе ги известиме.  Секој од семејствата може директно да ме контактира на телефон , а јас ќе се обидам да ги поврзам со институциите. Нивната поплака е дека не може да добијат конечна конфирмација за починатите“, истакна Османи додавајќи дека штом ќе биде завршена идентификацијата ќе се организира транспортот транспортот.

Одговарајќи на новинарско прашање за работењето на туристичката агенција чиј автобус изгоре, тој рече дека имало одредени аномалии во лиценцирањето на возилото кое го нема во регистерот на Министерството за транспорт и врски.

Сепак, рече дека не сака да шпекулира и порача институциите да ја завршат истрагата.

„Најважно е операците да се завршат и повредените да оздрават, а телата на најдостоинствен начин да бидат транспортирани.

„Сега е време кога треба да се фокусирае на повредените, на идентификација на телата и на спроведување на истрагата. Семејствата се во тешка емоционална состојба, секоја непроверена шпекулација ќе ја отежни нивната состојба“, изјави Османи.

 


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

Банер за Супер7
1x1