ММС
Банер за Супер7

Објавено на: 11/23/21 9:16 PM

Владата го задолжи ДИТ да изврши вонреден инспекциски надзор во „Беса транс“

Не можеме да знаеме во овој момент додека трае истрагата дали и колку пати ова возило ја напуштило државата и вршело ваков тип на превоз и транспорт, рече министерот за транспорт и врски Благој Бочварски одговарајќи на новинарско прашање за контролирањето на автобусот од несреќата во Бугарија во која загинаа 45 лица.

Тој вечерва на прес-конференција соопшти дека е почната постапка за одземање на лиценцата за работа на „Беса транс“ бидејќи од досега добиените сознанија превозникот вршел меѓународен превоз без извод од лиценца за автобусот, а Владата на денешната седница го задолжила Државниот инспекторат за транспорт да изврши вонреден инспекциски надзор.

Контролата, појасни Бочварски, се врши најпрвин од Државниот транспортен инспекторат, тоа може да биде редовна или вонредна,  а исто така може да биде извршена и секогаш кога ќе биде запрено возилото од страна на овластен инспектор и на границата при излез од државата.

Превозникот Беса Транс, информираше, има дозвола за четири возила кои се во сопственост на ова правно лице и четири возачи кои исто така се пријавени во базата на Министерството за транспорт и врски.

Техничката исправност на возилата не ја утврдуваме ние, рече Бочварски и посочи дека тоа се утврдува во моментот  кога се дава согласност и се прави контрола на техничката исправност на самото возило.

-Ние добиваме документација од тие компании  согласно законот дали и колку е технички исправно тоа возило да превезува патници, така што има различни типови на превоз, со 11, 15, 19 седишта, со 54 седишта. Согласно техничките можности и специфкации на возилото под кое е регистрирано во државата, а таа регистрација ја врши Министерството за внатрешни работи после извршен техничи преглед во овластена компанија за извршување на технички преглед,  потоа со сите тие документации се аплицира за некоја од овие дозволи, дали за меѓународен или за домашен превоз на патници, појасни Бочварски.

По добиените информации од Министерството за внатрешни работи за опожареното возило констатирале дека не било пријавено од страна на превозникот согласно член 11 став 5 од Законот за превоз во патен сообраќај и поради тоа возилото го нема во електронската база на податоци на Министерството за транспорт и врски. Согласно овој член од Законот, како што рече, превозникот е должен веднаш, а најдоцна во рок од 15 дена, да го извести Министерството за транспорт и врски за сите промени настанати во поглед на исполнувањето на условите.

МИА


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

Банер за Супер7
1x1