ММС
Банер за Супер7

Објавено на: 11/24/21 2:41 PM

Курти го изгуби Призрен, Заев Тетово, бадијала ветуваа брда и долини – И оваа и претходната Влада за Попова Шапка ништо не направија

Хотели од најпознати брендови, развој на скијалиштето со вложување од 100 милиони евра, поврзување со скијачкиот центар Брезовица во соседно Косово, се се само дел од ветувањата на Владата за развој на скијачкиот центар Попова Шапка во предизборието.

Вакви ветувања и најави се слушани и од оваа и од претходната влада, но на терен досега освен изградба на еден шестосед нема конкретно ништо изработено. Се трошеа милионски суми за изработка на физибилити судии, кои во пракса не се реализираа.

Премиерот Зоран Заев во предизборната кампања за локалните избори, кажа дека странска компанија ќе вложи во скијалиштето, а ќе се градат и хотели од познати брендови на чело со Кемпински . Исто во септември годинава во посета на Скопје дојде премиерот на Косово, Албин Курти, кој заедно со нашиот премиер, најавија поврзување на Попова Шапка и Брезовица.

Од Иницијативата „Да ја спасиме Попова Шапка“ за ММС истакнаа дека и Курти и Заев си терале кампања, затоа и давале вакви нереални ветувања.

-Курти го изгуби Призрен на локалните избори,  а Заев Тетово, бадијала ветуваа брда и долини, тоа се чисти предизборни ветувања, затоа што се работи за нешто што е нереално. Постоечката жичница, но и таа што се најавува дека ќе се гради на Брезовица се на северната страна на Шар Планина. Од другата страна се наоѓа Шара на македонска територија, но тука не е Попова Шапка тука се селата Одри, Доброште и други, кои се одалечени од Тетово дваесетина километри, град кој е на приближна иста воздушна линија со центарот  Попова Шапка. И како Брезовица ќе се поврзе со Шапка ако се земе предвид и планинскиот терен и далечината од косовскиот до македонскиот ски центар – рече Хамди Сулејмани од Иницијативата „Да ја спасиме Попова Шапка“.

Треба инвестиции на центарот, но не нереални, дополнува Сулејмани и смета дека раководството треба да ги реши основните проблеми на Попова Шапка, како недостигот со паркинг просторот, гужви пред жичниците, проблеми со фекалната канализација, а да се размислува и за што поскора реализација на инсталација на вештачки снег на ски патеките.

Од раководството на ски центарот за ММС велат дека и оваа година го немаат решено проблемот со недостигот на паркинг места. Оттаму најавија новитети на ски патеките за новата сезона.

-Осветлена ни е и ски патеката Аеродром, што значи дека ноќно скијање ќе има и на Поток 1 и на Аеродром. Имаме изградени нови две бачила, решен е проблемот со ски патеката Цери Пашина, каде оваа сезона таму ќе работи  жичницата. Имаме нови билетарници, ќе поставиме една нова рампа пред паркингот на хотелот Попова Шапка, со цел да го избегнеме хаосот со паркирања. Исто така обезбедни се места за паркирање на санките за скијање, рече Жика Алексоски раководител на ски центарот Попова Шапка.

Секоја сезона Попова Шапка е зависна од природните предуслови. Лани беше успешна, снегот се задржа речиси преку текот на цела ски сезона, но пред две години воопшто не започна, поради немање доволно снег.

Годинава како што вели народот – ако даде Господ ќе има скијање, односно ако нема снег скиите ќе ни бидат гаражирани во подрум и во текот на оваа зима. За инсталација пак, на вештачки снег, инвестиција која во време на климатски промени е неизбежна во секој скијачки центар, нема никаква најава.

(З.Д.)

Фото: Вангел Тануровски


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

Банер за Супер7
1x1