ММС
Банер за Супер7

Објавено на: 11/23/21 10:26 AM

Денови на жалост и кај нас и во Бугарија – најавија Заев и Јанев

Денеска во Скопје се подготвува решение за прогласување денови на жалост – најави премиерот, Зоран Заев на заедничката прес конференција со бугарскиот колега, Стефан Јанев по трагедијата со автобусот на „Беса транс“.

„Согласно постапките се разгледуваат условите, но ќе бидат прогласени денови на жалост. И Бугарија истото го прави со сите неопходни чекори. Ужаснати сме од оваа голема трагедија“, истакна Заев кој освен со бугарскиот премиер Јанев се сретна и со претседателот, Румен Радев.

На денешната владина седница ќе бидат донесени, како што рече, соодветни одлуки како што е прогласувањето денови на жалост. Тој рече дека ги посетил седуммината преживеани хоспитализирани во Софија, додавајќи дека се надвор од животна опасност.

„Бев информиран десетина минути после несреќата од премиерот Јанев, се јави и претседателот Радев и ние дојдовме овде за да ги видиме луѓето кои останаа живи, а да се видиме и со раководството на Бугарија за да ги дознаеме деталите Соработката е на високо ниво помеѓу нас, двајцата премиери, помеѓу министрите за надворешни работи, за вратешни работи и за здравство, дури и  помеѓу обвинителите. Сите служби се во постојана координација, довербата во институциите е голема и така најдобро ќе им дадеме информации на граѓаните за причините. Болката е голема кај двете земји, но кај семејствата кои ги загубија своите членови болката е ненадомсетлива. Нашите сограѓани се надвор се од животна опасност. Некои се со полесни, некои со потешки повреди и кога ќе бидат подготвени да се вратат дома ќе бидат транспортирани“, најави Заев.

Одговарајќи на новинарско прашање што му кажале преживеаните и какви се нивните сведоштва, тој рече дека ќе се чекаат деталите од истрагата и деталите за истрагата ќе ги кажат експерите.

„Тоа е работа на истражните органи, со цел да не предизвикаме дополнителни непријатни чувства пред сѐ кај семејствата на загинатите, но и кај сите граѓаните“, додаде Заев.

Слични пораки на денешната прес конференција упати и бугарскиот премиер, Стефан Јанев.

„Како што премиерот Заев ги посети, така и јас бев и се сретнав со тие луѓе. Општиот заклучок на докторите е дека траумите се лесни, се разбира физичките трауми, за психичките е рано да се зборува. Се надеваме дека за ден-два овие луѓе ќе бидат во состојба да бидат транспортирани каде што нивните блиски ги очекуваат. Бугарските и властите на Северна Македонија имаат координација по сектори, соодветни министерства“, изјави Јанев.

„Денеска е ден за изразување на нашето сочувство и пред сѐ треба да ги погледнеме нашите длабоки човечки корени. Дополнителна логистичка поддршка во овој момент не е потребна, но ако има ќе биде укажана“, додаде бугарскиот премиер.

Тој исто како и Заев, одби да ги каже впечатоците на преживеаните и како што рече, нема да ги коментира овие нешта.

„Да оставиме на надлежните органи, затоа што она кое  ние ќе го кажеме од парафразирани фрази може да доведе до лоши претпоставки, недоверба и нешто дополнително. Имаме информации за сите прашања, но тоа е дел од истрагата. Апелирам на професионална етика и разбирање дека треба да има баланс меѓу информациите кои ги даваме во моментот и оние кои ќе излезат од органите. Подобро е да се ограничиме и да почекаме органите да ги кажат своите верзии“, апелираше Јанев.

(В. Ми)


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

Банер за Супер7
1x1