ММС
Банер за Супер7

Објавено на: 11/23/21 7:59 AM

Османи од Софија:Запалениот автобус е на скопска агенција, се враќале туристи од продолжениот викенд

Пред болницата „Пирогов“ во Софија, министерот за надворешни работи Бујар Османи за бугарските новинари рече дека запалениот автобус во кој имало 52 патници е на скопска агенција. Седум се деца. Се знае дека автобусот се враќал од Истанбул, Турција.

-Претпоставуваме дека повеќето патници се од Скопје, има млади парови. Автобусот се враќал од Истанбул, каде патниците биле на продолжен викенд. Кај нас се одбележуваше Денот на албанската азбука, изјави Османи, кој веднаш замина да ги посети преживеаните.

Османи кажа дека заедно патувале четири автобуси, еден од нив се запалил. Од седуммината преживеани во болницата, петмина се мажи и две жени. Најмладиот пациент има 17 години.

Агенцијата МИА соопшти дека автобусот е на „Беса транс” која организира туристички и шопинг тури за Истанбул.

Според првичните информации, во автобусот се превезувале млади лица кои се враќале од екскурзија од Турција.

Претходно, и премиерот Зоран Заев за МИА изјави дека се работи за страшна трагедија во која 12 деца се помали од 18 години, а и другите се млади луѓе на околу 20-30 години.

– Во контакт сум со премиерот Стефан Јанев кој веќе ги посети луѓето. Имав прилика да разговарам со еден од преживеаните. Тој објасни дека спиеле во автобусот која се слушнала силна експлозија. Успеале да скршат еден од прозорците и да се спасат неколку луѓе. За жал, другите не успеале. Се работи за страшна трагедија заради тоа што најмногу се деца – 12 деца се помали од 18 години, а и другите се млади луѓе на околу 20-30 години. Најголем дел се наши граѓани, но има и од Србија, изјави Заев кој заедно со министрите за здравство и за надворешни работи се пред Софија каде ќе ги посетат преживеаните во несреќата.

 


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

Банер за Супер7
1x1