ММС
Банер за Супер7

Објавено на: 11/22/21 11:35 AM

Мерките за заштита од вирусот не се дискриминирачки – смета Мрежата за спречување и заштита од дискриминација

Мрежата за спречување и заштита од дискриминација смета дека предлог-мерките на Комисијата за заразни болести се неопходни и не се дискриминирачки затоа што се насочени кон заштита на јавното здравје.

– Како организации кои се посветени на заштитата на човековите права, сметаме дека построгите мерки за обезбедување поголем опфат на имунизацијата се неизбежни доколку целиме кон заштита на животот и здравјето на луѓето. Потсетуваме дека индивидуалните права можат и треба да бидат предмет на ограничување кога зад целта на ограничувањето стои повисока вредност, како во случајот заштита на здравјето и животот на сите. Напротив, непреземањето на мерки од страна на властите со цел заштита на населението од ковид-19, под одредени околности, може да се смета за повреда на човековите права, наведуваат од Мрежата за спречување и заштита од дискриминација.

Според нив, задолжителната вакцинација е неопходна имајќи го предвид ефектот од глобалните дезинформациски кампањи кои продуцираат недоверба и директно влијаат на малиот број на вакцинирани. Вакцинацијата, како што наведуваат, не е спротивна на Уставот.

– Должноста да се чува и унапредува сопственото здравје и здравјето на другите, претставува највисока граѓанска обврска. Согласно член 39 од Уставот на Република Северна Македонија, на секој граѓанин му се гарантира правото на здравствена заштита, а граѓанинот има право и должност да го чува и унапредува сопственото здравје и здравјето на другите. Задолжителната вакцинација, која е предвидена со Законот за заштита на населението од заразни болести, во ниту еден момент не може да се доведе под сомнение дека е во спротивност со Уставот и основните човекови слободи и права. Согласно чл.33 ст.7 од овој Закон, Министерот, на предлог на Комисијата за заразни болести, може да одреди вакцинација и за други заразни болести, се вели во соопштението.

Од Мрежата за спречување и заштита од дискриминација сметаат дека при креирањето на мерките не треба да се прави разлика меѓу работниците од јавниот и приватниот сектор, а потребна е и широка општествена и стручна дискусија за потребата од имунизација.


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

Банер за Супер7
1x1