ММС
Банер за Супер7

Објавено на: 11/21/21 11:05 AM

За криумчарење мигранти и трговија со луѓе- Истрага против две лица од Пакистан и двајца малолетници од Авганистан

Надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција донесе наредба за спроведување на истрага против две полнолетни лица од Пакистан и двајца малолетници од Авганистан. Осомничените се товарат дека сториле кривично дело Организирање на група и поттикнување на извршување на делата трговија со луѓе, трговија со малолетно лице и криумчарење на мигранти од член 418-в став 2 и кривично дело Криумчарење на мигранти од член 418-б став 4 в.в. став 2 и 3 од Кривичниот законик.

Имено, во периодот од месец август до месец ноември оваа година две непознати лица од Пакистан со цел извршување на кривичното дело Криумчарење на мигранти создале организирана група на која припадници станале и осомничените.  За непречено дејствување на групата тие создале импровизирани кампови во близина на границата со Р.Србија каде ги прифаќале и сместувале мигрантите кои илегално влегувале од територијата на Р.Грција, а од таму илегално ги пренесувале во Р.Србија и земјите на ЕУ. Во камповите мигрантите присилно биле задржувани, им биле одземани мобилните телефони и личните документи со што им оневозможувале каков било контакт надвор од кампот. Искористувајќи ја нивната немоќ, осомничените физички ги малтретирале жртвите, ги фотографирале и фотографиите ги испраќале на нивните семејства од кои барале парични средства за да ги пуштат жртвите да ја продолжат рутата, со употреба на сила и закана  изнудувале парични средства и од жртвите кон кои се однесувале на крајно суров и понижувачки начин, а со некои имале и полови односи.

Како резултат на меѓународна соработка со органите на прогон од Р.Србија каде двајца оштетени мигранти ги пријавиле настаните, импровизираниот камп е откриен и во текот на вчерашниот ден е спроведена координираната акција. Во кампот се пронајдени 35 мигранти од кои девет се деца на возраст од четиринаесет и петнаесет години.

Осомничените се изведени пред судија на претходна постапка кој го прифати предлогот на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција и на сите осомничени со решение им определи мерка – притвор во траење од 30 дена. За кривичните дела за кои се товарат осомничените е предвидена казна затвор во траење од најмалку 8 години.​

 


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

Банер за Супер7
1x1