ММС
Банер за Супер7

Објавено на: 11/21/21 10:42 AM

Вакцинација или ПЦР тест на трошок на работникот, утре треба да одлучи Владата

Новите мерки што ги предложи Комисијата за заразни болести се очекува утре да бидат разгледани на Главниот координативен штаб, по што за нив ќе треба да расправа и Владата. Комисијата бара вработените на работното место да приложат сертификат за вакцинација или негативен ПЦР тест кој ќе важи најмалку 72 часа и ќе биде на трошокот на работникот, а оние кои го прележале вирусот, ќе може да приложат сертификат за прележан Ковид, но не постар од 45 дена. Доколку работникот има ретки имунолошки болести, тогаш ќе треба да приложи потврда од лекар специјалист дека не може да прими вакцина. Дел од мерките е и задолжителната вакцинација за сите здравствени работници.

Дали ќе бидат усвоени онака како што предлага Комисијата или ќе има измени, ќе се знае во текот на неделата.

Синдикатите бараат ПЦР тестирањето да не падне на товар на работниците бидејќи нивните пресметки покажуваат дека се потребни минимум 20.000 денари месечно за 10 ПЦР тестирања.

„ Ако државата нема обезбедено финансиски средства во Буџетот за 2022 година за бесплатни ПЦР тестови за сите работници, а работодавачите укажуваат дека товарот треба да падне на работниците за тестирањето за да можат да им дојдат на работа и да им работат за минимална плата од 15.200 денари и да им ствараат милиони во добивка, работниците побргу ќе умрат од глад отколку од корона,“ велат од Сојузот на синдикати на Македонија во изјава за МИА.

Велат не се против вакцинација, но сметаат дека таа треба да биде личен избор. Предлагаат преку едукативни кампањи и бенефиции да се поттикне населението на помасовна имунизација. За оние кои ќе се вакцинираат, предлагаат да добијат платен неработен ден поради зачестените пријави од работниците дека работодавачите ги тераат веднаш да одат на работа и не ги ослободуваат доколку имаат реакција од вакцината.

И од Конфедерацијата на слободни синдикати реагираат дека се воведуваат мерки на присилна вакцинација и се прескокнуваат едукативните и стимулативните мерки кои биле спроведени во другите европски држави.
„КСС ги демантира властите во Македонија кои се обидуваат да пресликаат мерки од многу земји каде што се носат мерки за присилна вакцинација, прескокнувајќи ги сите едукативни и стумулирачки мерки кои ги нудеа и спроведуваа тие држави долго време. Ние прескокнувајќи еден цел процес, а почнувајќи од касно добивање на вакцини и спроведување кампањи, пристапуваме кон репресивни мерки на кои нормално работниците реагираат експлозивно, стои во одговорот што МИА го побара од КСС.

Двата синдиката, како најголеми во државата, бараат од Владата да не ги прифати мерките онака како што се предложени од Комисијата за заразни болести.

Од друга страна, Стопанската комора на Македонија бара задолжителната вакцинација да се воведе и во приватниот сектор сметајќи дека на тој начин ќе се постигне колективен имунитет и ќе се овозможи континуитет на работниот процес. Предлагаат за вработените кои не се вакцинирани или го немаат прележано вирусот, да се воведе задолжително тестирање најмалку еднаш неделно со брзи антигенски тестови со самотестирање или во државни и приватни дијагностички центри, а трошокот за тестирањето со брзите антигенски тестови да биде на товар на работникот.

Ставот на Сојузот на стопански комори, пак, е дека правото на вакцинација е лично право на избор и дека само со сеопфатни, интегрирани и добро испланирани мерки може да се заштити јавното здравје.

МИА

 


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

Банер за Супер7
1x1