ММС
Банер за Супер7

Објавено на: 11/21/21 10:43 AM

Ѓорчев: Бугарите сакавме да ги внесеме во Уставот, но одбија оти во Софија сметаа дека во Македонија биле мнозинство

Поранешниот амбасадор во Бугарија Марјан Ѓорчев не е оптимист дека Бугарија наскоро ќе го одблокира македонскиот пат кон Брисел.

„ Бугарија нема да го тргне ветото. Тие политичари што би го направиле тоа би се посипале со пепел. Едноставно нивната јавност не може да го издржи тоа. Има еден парадокс, Тодор Живков од една страна го сметаат за диктатор, а од друга страна неговиот концепт кон Македонија не го напуштаат. Напротив, сите партии го подржуваат тој однос познат како македонизам воспоставен од Живков Така да нема таму подобра или полоша партија кон македонското прашање, ставовите на сите се речиси идентични со живковизмот,“ изјави Ѓорчев во емисијата „Стадион“ на Радио Канал 77.

Според него тоа што го прави Бугарија не се европски вредности, Таму ако се декларираш како Македонец макар и на пописот ќе те проверат и ги губиш сите шанси за просперитет. На пример, никогаш нема да се запишеш на Воена академија. Кај нас не е така, имаме Бугари судии, директори кои слободно се изјаснуваат и просперираат.

Ѓорчев проблемот, кој ги вратил повторно националистите и говорот на омраза на голема врата го лоцира во Договорот за пријателство кој не е рамноправен и реципроцитетен и ги фаворизира бугарските интереси.

„ Потребен е реципроцитет. За жал кога се преговараше мене како амбасадор никој не ме консултираше. Додека преговараа министерот за надворешни работи Никола Димитров и државниот секретар Виктор Димовски јас седев во ходникот. Никој не ме слушаше иако ги предупредив дека главната кочница ќе биде заедничката историја и дека тоа треба да се избегне по секоја цена. Тоа беше всушност кукавичкото јајце подметнато од Бугарија. Но тие имаа брилијанетен преговрач кој велеше дека ако не стои заедничката историја договорот ќе биде проблематичен ќе страдаат бугарските интереси. Ние треба да споделуваме и градиме  европски вредности, да се фокусираме на транспорот, културата, туризмот економијата. Историјата да им ја оставиме на историчарите,на научниците ,“ нагласи Ѓорчев, кој информираше дека тоа што сега го бараат бугарските политичари Бугарите да влезат во македонскиот Устав им било понудено пред 20 години.

„Уште 2001 година кога поради Рамковниот договор го отваравме Уставот им понудивме да ги внесеме и Бугарите во нашиот Устав како дел од народ, но тогашниот премиер Костов и неговите соработници тоа го одбија. Тие едноставно сметаа дека они се мнозинство во Македонија,“  вели Ѓорчев.

За новинарот Марјан Николовски, кој известуваше од Софија за парламентарните и претседателски избори Македонија не е централната тема во бугарскиот политички живот., туку корупицјата, криминалот, сиромаштијата и односите со Турција.

„ Со Македонија не се добиваат избори, тоа е најголемиот мит. Сите што се бавеа доминантно со македонското прашања и Каракачанов и Сидеров завршија на политичкото буниште, надвор од парламентот,“ смета Николовски.

Тој не е песимист, но сепак не верува дека до крајот на годината или во јануари ќе добиеме датум за преговори.

„Во Бугарија сите партии, барем засега имаат речиси идентичен став кон Македонија.

Кај новите победници Петков и Василев од Харвард очигледно е дека има желба за нова реторика и пристап со акцент на економија, транспорт и бизнис, но дали тоа ќе се преточи во конкретно решение и во датум за преговори ќе видиме, ќе покаже времето.

Најголемиот проблем е во дел од интелектулната елита која е по потекло од Македонија. Тие се најголеми Бугари и антимакедонци,“ вели Николовски.

Николовски смета дека за Бугарија многу малку се знае, многу vesnaмалку е присутна во македонските медиуми и за жал мора да признаеме дека во нашето општество има голема доза на негативни чувства што се должи на недоволно информации и комуникација, на наследството, образованието, воспитувањето и тука на тоа поле првенствено треба да се работи.

„ Имаме погрешна  стратегија, наместо за историја треба да зборуваме за економија. Постои и лоша перцепција во Бугарија дека во Македонија се што е бугарско е одбивно, дека они колку и да даваат и попуштаат не добиваат ништо позитивно за возврат. Што и да направаиме, велат Бугарите пак не викате Татари, пак добиваме говор на омраза,“ потенцира Николовски.

 

 


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

Банер за Супер7
1x1