ММС
Банер за Супер7

Објавено на: 11/20/21 11:50 AM

Граѓаните имаат избор – Или да направта ПЦР тест кој треба да го платат сами или да се вакцинираат бесплатно, вели Филипче

Мерките кои ги предлага Комисијата за заразни болести, како советодавно тело на министерот за здравство, се целосно издржани. Целта е да се одржи релативно стабилната епидемиолошка состојба и да се зголеми интересот за вакцинацијата, истакна министерот д-р Венко Филипче во синоќешното гостување во емисијата 360 степени.

-Во моментов на некој начин ние сме еден изолиран остров, бидејќи се случува голема „експлозија“ на нови случаи насекаде во регионот. Илјадници новодијагностицирани, стотици случаи на кои им е потребна хоспитализација, стотици смртни слуачи. Овие мерки не ги измисливме ние туку се логичен след на сите превентивни мерки, укажувања, апелот да се подигне опфатот со вакцинацијата, а мерки кои се воведуваат насекаде во Европа – изјави министерот Филипче.

Тој појасни дека мерките кои ги предлага Комисијата, комбинирано се користат скоро секаде во Европа. Некои земји имаат слични дури и поригорозни мерки.

-Вакви мерки има и во Германија, Австрија, Хрватска, во Грција каде  се размислува да се воведе целосна забрана за влез во затворено, без разлика дали е на работно место или не, за невакцинирани. Нема друг начин да го заштитиме здравјето на граѓаните, но и здравствените капацитети. Во моментов и целиот изминат период болниците се полнат со невакцинирани пациенти 70%-80% од хоспитализираните се невакцинирани. Огромен број од колегите веќе имаат „burn-out“ синдром, знаете две години да се работи во ковид центри со таков интензитет не е едноставно. Има луѓе кои заболуваат и од други болести, не може нив да ги оставиме по страна. Не може да издржиме уште долго вака, да затвораме други одделенија, други пациенти да трпат, да им се одложуваат третманите, а ние да се занимаваме само со Ковид – рече Филипче.

Министерот објасни дека не станува збор за принудна вакцинација, туку на граѓаните им е оставен избор – или да приложат негативен ПЦР тест кој треба да го платат сами, или да се вакцинираат бесплатно.

-Не станува збор за никаква принудна вакцинација како што се обидуваат да ја прикажат. Граѓаните имаат избор да се вакцинираат бесплатно или да приложуваат доказ односно негативен тест, што ќе го платат сами. Јавните институции мора да бидат пример за почитување на препораките на здравствените власти, исто како и здравствените работници кои мора да бидат целосно вакцинирани. Граѓаните кои од медицински причини не смеат да бидат вакцинирани секако нема да бидат присилени на тоа. Така што апсолутно нема присила, напротив има одговорно постапување од страна на Владата – истакна министерот Филипче.

Дека вакцините се докажано безбедни, ефикасни и штитат од тешка форма на болеста, Филипче го посочи примерот со Велика Британија и Украина. Во Британија, процентот на вакцинирани е над 70%, а пред два дена имаше 39.000 нови случаи и само 47 починати, Украина истиот ден имаше 12.000 нови случаи и преку 500 починати. Украина има само 20% вакцинирано население, смртноста во оваа земја е 10 пати поголема.

МИА


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

Банер за Супер7
1x1