ММС
Банер за Супер7

Објавено на: 11/19/21 3:55 PM

За да има пристап до јавните тоалети, треба да има и тоалети – Со уметничка шоља Светскиот ден на тоалетите

Невладината организација Новинари за човекови права и годинава го одбележа 19 Ноември, Светскиот ден на тоалетите со фокус на непречен пристап до јавните тоалети.

По тој повод денеска во 12 часот, во паркот под железничка станица, во населба Мичурин  организираа настан со цел да се подигне свесноста за неопходноста од јавни тоалети. Преку уметничка инсталација се обидоа една тоалетна шоља да ја направат уметничко дело, да ги повикаат властите да обезбедат повеќе јавни тоалети и тие да ги оддржуваат.

– За милијарди луѓе ширум светот, системите за санитација се или непостоечки или неефективни. Фекалиите се излеваат во животната средина и шират смртоносни болести, сериозно поткопувајќи го напредокот на здравјето и преживувањето на децата. За да се постигне ЦОР6, до 2030 година предвидено е непречен пристап до тоалети на секој поединец, а во спротивно нема да има одржлива иднина без тоалети. Владите мора да работат четири пати побрзо за да обезбедат тоалети за сите до 2030 година, информираат од невладината организација Новинари за човекови права.

Околу 60 проценти од глобалната популација – 3,6 милијарди луѓе или немаат тоалет дома или е таков што не ги отстранува безбедно екскретите, 869 милиони луѓе во светот практикуваат дефекација на отворено и немаат никакви објекти за санитација, 1,8 милијарди луѓе користат неподобрени извори на вода за пиење без заштита од контаминација од фекалии, глобално 80 проценти од oтпадните води генерирани од општеството, се враќаат во екосистемот без да се третираат или повторно да се користат, само 39 проценти од светското население (2,9 милијарди луѓе) користат безбедно управувани санитарни услуги, односно екскретите безбедно се складираат на самото место или се третираат на друга локација, а во комбинација со безбедна вода и добра хигиена, подобрената санитација може да спречи околу 842.000 смртни случаи секоја година.

-Состојба со санитација и во Северна Македонија не е на високо ниво. Фактите говорат дека во градовите нема јавни тоалети или тие се нефункционални, само 18 проценти од територијата на државава е покриена со канализациска мрежа, во урбаните средини 87 процнети од канализацијата е приклучена до градската мрежа, додека во рурарлните средини 79 проценти од тоалетите немаат пристап до градската канализациска мрежа, односно се со септички јами, посочуваат од невладината организација Новинари за човекови права.

МИА

фото: Новинари за човекови права


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

Банер за Супер7
1x1