ММС
Банер за Супер7

Објавено на: 11/18/21 4:09 PM

Засега молк од власта по тврдењето за прекин на финансирањето на новата болница во Штип

Нема официјална потврда или демант на тврдењето на лидерот на ВМРО ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, дека е прекинато е финансирањето на изградбата на новата Регионална клиничка болница во Штип. Денеска Мицкоски на прес конференција прочита извадок од документ за кој тврдеше дека е од Европската централна банка. Според овој документ, Банката го прекинува преостанатиот дел од 13,4 милиони евра одобрени за изградба на новата регионална болница.

– Бидејќи имаме многу слаб прогрес од есента 2018-тата, и дека практично проектот стои, преостанатите 13,43 милиони евра коишто беа обезбедени, ќе бидат прекинати, читаше Мицкоски од парче хартија, за кое рече дека е допис од Европската банка.

Дали навистина тоа е така и кои се причините, официјално прашавме во Министерството за здравство. До овој момент нема одговор.

Не одговараше на телефон ниту шефот на Проектната единица, кој раководи со овој проект, Андреј Жерновски.

Извесно е дека подолго време, со месеци, секоја посета на кругот на Клиничката болница во Штип, може да се види бавен напредок на новата болничка зграда. И денеска таму имаше само неколку работници, кои работеа на инсталацијата. Објектот на Регионалната клиничка болница е делумно изграден, поставен е поголем дел од фасадата. Сите овие месеци на прашањата на новинарите, надлежните, вклучувајќи го и министерот за здравство, Венко Филипче, тврдеа дека се работи на внатрешни градежни работи.

Во декември 2020 година Филипче рече дека „е надминат застојот и наскоро почнуваат работите во објектот“.

„Тогаш бевме соочени со одредени проблеми што ги надминавме. Сега не’ запре и оваа криза во 2020 година. Така што, административните проблеми кои се наметнаа, се обидуваме да ги надминеме. Се надмина и проблемот со ревизија на проектот, се доправува фасадата и ќе може да се почне со работите внатре“, одговори Филипче.

Камен темелниот на Регионалната клиничка болница во Штип беше поставен на 3 март 2016 година. Тогашниот министер за здравство Никола Тодоров најави дека болницата ќе биде готова во 2018 година и ќе чини 30 милиони евра. Банката на Советот на Европа во 2015 година одобрила 26,9 милиони евра, како што пишува на официјалниот сајт на Банката, за „изградба на регионалната Клиничка Болница во Штип, со цел подобрување на квалитетот, брзината и континуитетот во обезбедувањето на здравствените услуги во источниот здравствен регион“.

Во годините наназад, се слушаа рокови од политичарите, а последната изјава беше таа на министерот Филипче, дека регионалната болница ќе биде завршена во средината на 2020 година.

Во меѓувреме, подизведувачот „Бетон – Штип“ влезе во стечај, а потоа почна и судска постапка, преку која побарува два милиони евра за извршените, а ненаплатени работи.

Адвокатот Сашко Бошков ни денеска потврди дека по добиениот спор на Основен суд и Апелацискиот суд во Штип, укината е пресудата и предметот е вратен на повторно разгледување пред Основниот суд. „Бетон –Штип“ ја тужи грчката фирма „Интеркат“, која го доби тендерот и го ангажира „Бетон“ како подизведувач. Грците пак парите си ги бараат од Министерството за здравство.

Сите случувања ги забавија работите на болницата, која пет години подоцна, се’ уште не е завршена.„Интеркат“ го гради и бункерот за акцелератор, којшто според најавата, требаше да биде завршен пред една година.

Парите што ги освои Банката на Советот на Европа се социјални. Проектите што ги финансира оваа банка се врзани за подобрување на социјалните услови за живот на жителите на земјите членки на Советот на Европа, каде членува и нашата земја.


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

Банер за Супер7
1x1