ММС
Банер за Супер7

Објавено на: 11/18/21 7:10 PM

„Мамо, зошто тука луѓето се толку тажни, никој не игра и пее“ – Ивана, Моника и Карлос животот во Доминикана го заменија со Македонија

Безгранични и необични се патиштата на љубовта, не знаеш каде ќе ја најдеш и каде ќе те однесе. За секого различно. Така, Ивана Утевска (34) од Скопје, во 2007 година, замина кај својата љубов, Карлос Морбан, во неговото родно место, Санто Доминго-Доминиканска Република, кој на македонската јавност е познат како кошаркар во повеќе клубов кај нас и во соседството. По завршување на неговата кариера во Македонија, го започнале заедничкиот ѓивот во неговото родно место и го збогатија со Моника Мари Морбан (12) и Карлос Александар Морбан (10).
„Се запознавме тука, во Скопје. Карлос во тоа време играше кошарка во „Вардар“. Две години бевме во љубовна врска и тука се венчавме. Имавме доста другари и пријатели кои на нашата врска гледаа како на нешто „нормално# и иако, нели, јас сум „бела“, а тој е „црн“ од мешана раса и бевме како такви единствени во друштвото. Сепак, за моето семејство и роднините тоа беше шок и не можам да кажам дека ја прифатија нашата врска брзо и лесно, како нешто вообичаено за оваа средина. Но, на крајот ми рекоа, ок, ако те прави тоа среќна, така нека биде“, раскажува отворено Ивана.

Моника Мари Морбан

Додава дека нема никогаш да ја заборави првата слика и впечаток кога од авионот стапнала на земја, во местото Порто Плата, пред 14 години. Вели дека пријатно се шокирала кога на сред улица видела една бабичка и дедо како пеат, играат и се веселат на гласна музика пуштена од нивната мала, зелено офарбана куќичка.

Карлос Александар Морбан

Она што на почетокот било шок за Ивана, за кусо време станало вообичаено и секојдневно. Весели, насмеани лица и луѓе кои секогаш се подготвени да си помогнат едни на други, како меѓу семејството, така и со пријателите, соседите, но и на непознатите на кои им треба било каква помош. Нормално е, вели Ивана,  некоја жена да го земе да го причува детето на сосетката саат или два, иако не знае ни како се вика детето ниту сосетката. Ти треба кола, секој ќе ти ги даде клучеви ако му побараш и не те прашува зошто ти треба. Вози. Кога си на гости, најнормално е да си зготвиш јадење ако си гладен или да се послужиш од фрижидерот со што сакаш, додека домаќините си пијат сок на балкон. Сите во багажник од автомобилот носат костими за капење и крпа и во секој слободен момент се паркираат, се капат во океанот и продолжуваат по работа. Поприродно се однесуваат и се полни со емоции кои ги искажуваат несебично.

„Среќен народ. Знаат да го живеат денот, знаат да бидат среќни без никој ништо да им даде“. Така на почетокот си помислила Ивана.
„Семејството на Морбан ме прифати добро, таму никој не се „замара“ со бојата на кожата и со тоа од каде доаѓаш, а шпанскиот јазик брзо го научив и се вклопив во средината. Нормално, чувствував носталгија за дома, ми недостасуваше некогаш снегот и скијањето, затоа што таму нема зима и топло е преку цела година. Ама кога ќе влезев во океанот брзо ми се враќаше расположението“, вели таа и сепак, признава дека честите посети на мајка и ѝ значеле многу, посебно кога децата биле мали.


Почнала да работи откако малку потпораснале Моника и Карлос, во туристичка компанија, при што додава дека дипломата од тука, за маркетинг менаџмент, ѝ била призната. Денеска го работи истото, онлајн, од Скопје, каде го продолжи животот заедно со своите деца.
„Она што најмногу ме воодушеви, беше храната. Има огромен избор на овошје и зеленчук и секакви морски плодови. Има, на пример, околу 15 видови на компир, а буквално се што расте се јаде. Многу малку се консумира леб и теста, а оризот е главен прилог. Таквата кујна ги прави здрави и витални“, раскажува Ивана.

Додава дека дополнително, домашната храна е многу поевтина отколку увозната. На пример, американски појадок (јајца, сланина и тост) во просечен ресторан чини околу 250 песози (200 денари), а во локални продавнички-трафики кои ги има на секој чекор, може да се купи банана за 1 песоз, за 20 песози ананас или папаја.
-Во една од маалските продавнички може слободно да си одбереш парче зеленчук и овошје, да ти го исецкаат и да го понесеш и јадеш по улица, одејќи накај работа. Не можеш да видиш некој да јаде бурек или баничка со јогурт, нема тоа, се смее Ивана и додава дека, речиси никој не трупа храна во фрижидер, зата што ја има да се купи во секое време свежа.
Нова година се чека на плажа, два пати во годината, на крајот на септември и на 31 декември, а сите почнуваат да слават уште од септември. Доминира католичка вера, па и Божиќ важи за голем празник. Традиција за Нова година е капењето во океан. Сите масовно ја чекаат новата година на плажа, со песни, музика и играње и обичај е да се превртат по три пати наназад, за да го измијат „лошото“ од старата година.


„Сите носат црвени капи околу новогодишните празници. Кај и да влезеш, сите имаат црвени капи на главите, во банка, во пошта, во сите фирми, во продавници и така цел месец декември. Обичај е сите да се облекуваат во иста боја кога се одбележува некој светски ден. На пример, во октомври цел град е во розево украсен, сите се облечени во розево и со розови машнички на Светскиот ден за борба против ракот на дојка. Вакви денови многу се почитуваат“, објаснува Ивана.
Зависно од тоа дали припаѓаш на висока, средна или ниска класа, такви трошоци и ќе имаш. Најбогатите плаќаат најскапа струја, вода и јадење во продавници, сиромашните најевтина. И во ваков милионски град, како што вели Ивана, никој не се замара од тоа да биде „виден“. Не се придава значење на облеката, има луѓе кои буквално одат на работа во пижами и никој ништо не им кажува.
„Моите деца се чудеа на некои овдешни навики. Лани кога дојдовме во Скопје, Моника прво што ми кажа беше, мамо, зошто се сите толку тажни, зошто нема никаде музика и никој не игра и пее? Вториот коментар и беше, зошто никој никого не поздравува? Бидејќи во Санто Доминго сите си велат„добар ден љубов“, познати-непознати, секаде каде што ќе влезеш и по улици. „А, еднаш ме праша, мамо, зошто децата ме прашуваат од кај ти е блузата, колку пари е?“
Моника и Карло од лани учат во македонско школо. Моника во седмо, а Карлос во петто одделение. Иако знаат македонски, првично не им одело учењето така лесно. Но, сега веќе, како што вели Ивана, се за вистинска пофалба.

„Веќе се навикнаа, но морам да ги пофалам и нивните учителки кои покажаа многу разбирање за нивното полесно вклопување во средината и применуват поинаков начин на испрашување поради се уште скромниот фонд на наши зборови на Моника и Карлос. И јас, секако, им помагам околу школските обврски“, вели Ивана.

Додава дека тие стекнале многу другарчиња со кои супер се дружат, си играат и шетаат. На нашето прашање, што најмногу им недостига, велат: океанот и Платамо-вид на банана, но поголема и зелена, се јаде солена, се вари, пржи и има вкус на компир.

Маја Томиќ


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

Банер за Супер7
1x1