ММС
Банер за Супер7

Објавено на: 11/17/21 4:01 PM

Антикорупциска казни директор на затвор кој си го вработил синот додека бил на функција

Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), на денешната 55-та седница, донесе одлука за поднесување прекршочен платен налог против поранешен директор на еден затвор, кој додека ја извршувал функцијата си го вработил својот син во истиот затвор.

Против директорот, кој во февруари годинава бил разрешен од функцијата, претседателката на ДКСК Билјана Ивановска рече дека ќе биде поднесен и прекршочен платен налог и за непријавување на блиско лице и поради тоа што нема поднесено анкетен лист, по престанок на функцијата.

Ивановска, реферирајќи за случајот, рече дека директорот донел одлука за објавување на оглас за три работни места, по што била формирана комисија за селекција при спроведување на постапката за вработување и бил изработен записник.

– За работното место советник за водење постапки за јавни набавки пријавен е само еден кандидат и тоа синот на директорот. Донесена е одлука да се изврши избор од страна на директорот и договорот за вработување е потпишан од негова страна, изјави Ивановска.

За истиот директор, посочи Ивановска, има и пријави кои се однесуваат на објавен оглас за тројца извршители – двајца за виш надзорник за внатрешни и надворешни обезбедувања и еден командир за обезбедување.

ДКСК, на денешната седница, констатира судир на интереси кај три лица – директорка на Универзитетска клиника за гастрохепатологија, докторка и претседателот на Управниот одбор, поврзани со клиничко истражување, при што донесе одлука на сите тројца да име се достават известувања и да се побара да излезат од констатираната состојба, а следствено на направеното прекршување да се поведат прекршочни постапки.

 

МИА

 


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

Банер за Супер7
1x1