ММС
Банер за Супер7

Објавено на: 11/25/21 11:47 AM

Државата крати субвенции ако не ти се сите овци на број – Сточарите од полошкиот регион се жалат на лошиот третман

Со 6000 овци гостиварското село Топлица може да се пофали дека е населено место со најголем број грла на стока во целиот полошки регион, ако не и пошироко. Таква била и традицијата на предците од ова село. Сите егзистирале од оваа дејност, која за жал во Македонија полека но сигурно изумира, иако земјава нуди одлични услови за развој на оваа гранка.

ММС разговараше со Џевад Реџепи, кој, како сопственик на стадо овци е незадоволен од третманот што тие го имаат од државата, но и покрај тоа вели дека не ги напушта овците.

-Со нив тешко, но и без нив тешко. Колку можеме ќе тераме, ама со ваква политика на државата кон нас тешко. Младите не сакаат да помислат за оваа дејност. Едниот син ми замина во Германија. Таму му дадоа стан и возило за само неколку месеци, а тука и тоа што ти го имаш сакаат да ти го земат, се жали сточарот Реџепи.

Тој вели дека на пет сточари од неговото село државата им ги скратила субвенциите, затоа што кај нив не биле сите овци на број.

-Па овците не се вечни и тие умираат како и луѓето, како можат да бидат во ист број во текот на целата година. Пописот на овците е направен во мај, а во октомври направиле контрола и ви велат дека недостасуваат овци. Па, нормално ќе недостасуваат, во мегувреме има пцовисано овци, има волци на Шара и со нив имаме мака, па потоа се губат таму во планината. Нормално дека нема да бидат сите овци на број. Нормално дека дел од тие овци ќе ги колат за курбан. Но, сега сточарите без субвенции како ќе опстанат, во наредните три години и без овци ќе останеме. Па потоа зошто си одат и сточарите во Германија, па ќе отидат нормално. Затоа апелирам да се поправат грешките, инаку тешко оваа дејност да опстане, истакна сточарот Џеват Реџепи.

Реџепи додава дека во времето на поранешна Југославија луѓето од овој крај живееле од оваа дејност, а сега едвај преживуваат и од година в година се во постојано загуба, поради проблемите со кои се соочуваат.

-И не само субвенциите кои ни ги кратат, а треба да ги зголемат, ништо од тоа што е ветено не е остварено, како што е зелена нафта, фондови и слично. Ние сме сиромашна земја, немаме индустрија, авиони не произведуваме, но имаме убава земја и пасишта за сточарството. Без сточарството тешко нас. И млекото ќе треба да го увезуваме, оти нема фабрика што произведуваат млеко, тоа се овците и кравите, а од нив државата се откажува. Многу е тешко раскажува Реџепи, особено сега во време на инфлација и поскапувања и додава:.

-Затоа апелирам владата да не поддржува, да ни даваат грантови, зелена нафта и субвенциите да ни ги покачат, за да опстанеме.Никој веќе не сака да се занимава со овчарство, особено младите, а тие заминаа, па нема и работничка сила. Најлоша работа е оваа, на дожд и снег да си постојано и пак ти наоѓаат некои грешки. Затоа субвенциите треба да растат. На пример една овца за една зима јаде 200 килограми зоб, а зобот се поскапува и не се исплаќа да работиш. Како ги земаме парите така ги даваме. А не дај Боже да немаме стока, затоа што не знам во светот дали има некоја фабрика што произведува месо. За обработка има ама за да произведе не. Или млеко. Сетоа го дава стоката, како што дал Господ. Затоа државата треба да се ангажира повеќе за земјоделците и за сточарите, вели сточарот Реџепи.

Поради проблеми кои се соочуваат македонските сточари, грлата овци во Македонија драстично се намалуваат. Проценките се дека моментално има едвај 500 000 ,за разлика од пред три децении, кога нивната бројка изнесуваше два милиони.

(З.Д.)


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

Банер за Супер7
1x1