ММС
Банер за Супер7

Објавено на: 11/17/21 1:01 PM

Состојбата во училиштата е стабилна, останува наставата со физичко присуство, рече Царовска

Состојбата со коронавирусот во училиштата е стабилна и сѐ додека е така остануваме на првото сценарио –  настава со физичко присуство. Доколку има каква е да е промена или загрозување, тогаш во координација со Комисијата за заразни болести и со Министерството за здравство ќе имплементираме други сценарија. Но засега сѐ укажува дека состојбата е стабилна и дека учениците се безбедни во училиштата,  изјави министерката за образование и наука Мила Царовска.

Соопшти дека над 75 отсто од наставниците се вакцинирани, што е двојно повеќе од националниот просек, под 1 процент е бројот на позитивни и активни случаи во училиштата. Од почетокот на учебната година до денеска, рече таа, нема надминување на 0,3 проценти позитивни и активни ученици во основно и средно образование, а на дневно ниво нема надминување на 0,03 односно процентот се движи од 0,01 до 0,03.

– Исто така, и проценката што ја правеше Министерството за здравство покажа контрола на епидемијата во училиштата, што, пак,  покажува дека мерките се почитуваат и протоколите се добро дизајнирани и добро се спроведуваат. Секако, како и минатата година, и оваа година ја следиме состојбата на дневно ниво. Токму затоа, сѐ додека состојбата со КОВИД е стабилна во училиштата, ќе го предлагаме моделот со физичко присуство. Ако Комисијата за заразни болести и МЗ алармираат дека има други закани по здравјето на учениците поврзани со КОВИД, тогаш, секако, ќе преземеме други мерки и ќе дискутираме за други сценарија, изјави Царовска за медиумите по доделувањето договори за финансирање проекти на јавни научни установи.

Во однос на барањето од Прогресивниот синдикат за образование при ССМ до МОН да им се дозволи на наставниците на наставнички совети сами да може да одлучуваат за моделот на настава – физичко присуство или онлајн од 1 декември до 31 март, поради сезоната на грип, состојбата со КОВИД-19, а и поради енергетската криза, Царовска одговори дека поради стабилната КОВИД-состојба во најдобар интерес на учениците е училиштата да останат отворени.

-Училиштата треба да функционираат и се отворени и во најстрашните кризи во светот. Во моменти на војна, во најголем дел од државите, училиштата остануваат отворени затоа што тие се места каде што учениците стекнуваат знаење, се социјализираат и училиштата се грижат и за заштита на менталното здравје на учениците, додаде Царовска.

 

 


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

Банер за Супер7
1x1