ММС
Банер за Супер7

Објавено на: 11/16/21 3:44 PM

Сообраќајките прва причина за смртност на лицата од 15 до 19 години – Денес е Светски ден за сеќавање на жртвите

Во светот годишно 1,3 милиони луѓе го губат животот во сообраќајни незгоди, а 20 до 50 милиони лица се здобиваат со повреди, тоа значи дека, како последица од сообраќајни незгоди, дневно умираат над 3500 лица, односно на секои 25 секунди едно лице го губи животот во сообраќајна незгода. На Светскиот ден за сеќавање на жртвите од сообраќајните незгоди, Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата апелира да се намали црната статистика на патиштата и да се направи сообраќајот побезбеден, тргнувајќи од сопствените грешки и однесување во сообраќајот.

– Секој загубен човечки живот предизвикува тага и болка за членовите на семејството, роднините и пријателите на починатото лице, но и за многумина други, а загубените човечки животи за кои причина се сообраќајните незгоди носат дополнителна тежина затоа што загубите и повредите во сообраќајот се ненадејни, насилни и трауматични настани, велат од РСБСП.

Во Република Северна Македонија, како што велат од РСБСП се намалува бројот на загинати во сообраќајни незгоди. Според статистиката, голем дел од жртвите и повредените лица во сообраќајни незгоди се деца и млади.

На светско ниво околу 400.000 млади лица на возраст до 25 години го губат животот во сообраќајни незгоди, односно околу 1100 млади лица дневно. Сообраќајните незгоди се прва причина за смртност за лицата на возраст од 15 до 19 години, втора причина за смртност за лицата на возраст од десет до 15, како и од 20 до 24 години, и трета причина за смртност за лицата на возраст од пет до девет години.

Од РСБСП додаваат дека Светскиот ден за сеќавање на жртвите од сообраќајни незгоди има цел да потсети на сите загинати лица во сообраќајни незгоди, да им се даде помен на нив, но и да се допре до свеста на сите учесници во сообраќајот со цел тие да размислат за сопствената одговорност, како и за последиците од сообраќајните незгоди.

 

Извор и фото: РСБСП

 

 


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

Банер за Супер7
1x1