ММС
Банер за Супер7

Објавено на: 11/16/21 3:23 PM

Штип: Новоселци ќе мора да ја трпат смрдеата од колекторот до пролет идната година

Она што прво ќе ве пречека на влезот од штипско Ново Село е грдата слика на веќе распадната колекторска цевка под мостот на реката Брегалница, а уште пострашно е неподносливата смрдеа која што жителите се принудени да ја трпат со години.

Властите се менуваа, некои ветуваа санирање, други инстант решение, па се до образложенија дека мора да се изнајде трајно отстранување на проблемот, но тоа ќе чини многу.

Во моментов во близина на колекторот се наоѓаат цевки кои што треба да ја заменат веќе распаднатата колекторска цевка. Но овие цевки за кои што се потрошени 300.000 денари, не биле соодветни , т.е. не можеле да се искористат за намената, кажа денеска штипскиот градоначалник Иван Јорданов.

„Ќе се обидеме да најдеме решение за проблемот со колекторот, нешто што им создава проблеми со години на населението коешто живее овде. Тоа ќе биде комплетно ново финансирање и набавка на соодветни цевки коишто ќе ги предвидиме во програмата на Ј.П Исар и во буџетот на општината за 2022 година. Проектот ќе чини 4 милиони денари, и ќе биде трајно решение на овој долгогодишен проблем,“ изјави Јорданов

Тој информира дека, со предизборно набавените цевки бил направен еден гол популизан за да се прикаже на јавноста дека конечно ќе се решава проблемот.

Раководителот на Р.Е. Водовод и канализација , Бранко Горгиев, информира дека стручни лица од ЈП Исар , заедно со надворешни компетентни лица го изработиле основниот проект .

„Во тој проект се предвидува поставување на духтални канализациски цевки со профил ф-100. Овие цевки се во должина од 50 метри, изјави Горгиев.

Што се однесува до веќе набавените цевки, според градоначалникот Јорданов, или ќе бидат вратени или ќе се заменат со други што ќе бидат користени  во секојдневните активности на двете јавни претпријатија.

Сепак санацијата на колекторот, нема да ги реши проблемите на новоселци поврзани со канализациската мрежа. Околу 15 куќи кои што гравитираат во овој дел, не се приклучени на канализациската мрежа, па отпадните води од овие куќи се влеваат директно во реката Брегалница. Пред неколку години бил направен обид да се реши овој проблем, дојдено е до одредена фаза, за да отпосле се констатира дека „решението“ е погрешно.

Јорданов изјави дека ќе се работи на решавање и на овој проблем.

Стручни лица сметаат дека единствено трајно решение за проблемите со отпадните води на Штип е изградба на Пречистителна станица, која што би чинела околу 8,5 милиони евра, што се огромни средства за една општина, па како и сите други се надева на средства од Европските фондови.

Штип е меѓу последните општини во државата која што нема Пречистителна станица за отпадни води.


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

Банер за Супер7
1x1