ММС
Банер за Супер7

Објавено на: 11/16/21 1:19 PM

Една конзерва за двајца, туширање со ладна вода од кофа, спиење врз телевизор… – Условите во нашите затвори како хорор филм

Ужасни хигиенски услови, спиење на даски на под, двајца, тројца во еден кревет, натрупаност по 12 лица во една соба, импровизирани тушеви од буре и „справи“ за греење вода, туширање со кофи, бубашваби, тавтабити и муви, влага по ѕидови, една конзерва риба како оброк за двајца, валкани садови по ходници, лоша миризба, недоволен пристап до здравствена заштита…Тоа се делумно условите во затворите, каде осудените лица во државава ја издржуваат казната, а кои наликуваат на хорор филм од 19 век.

Овие податоци се дел од објавениот Извештај на Хелсиншки комитет за човекови права, од посетите за состојбата и условите во казнено-поправните установи во Република Северна Македонија, направени во јули годинава, во: КПД Идризово, КПД Штип, КПД Куманово и КПУ Тетово.
Според извештајот, во КПД Идризово во моментот на посетата имало 1.083 осудени лица. Тимот нотирал пренатрупаност во просториите, каде биле затекнати затвореници кои спијат во ходник, на под, а во некои соби имало и по 12 – 13 лица во една соба, сместени на кревети на 3 ката. Тушевите во тоалетите во сите соби биле импровизирани и направени од буриња, а во некои тоалети затворениците се туширале со кофи.


„Осудениците кои спијат во ходник немаат свој тоалет и мораат да ги користат оние на осудените лица кои имаат соба. Целокупната електрична инсталација е отворена и претставува висок ризик за настанување пожар или друг инцидент. Импровизирани справи за греење на вода се користат од осудените лица, еден осуденик спиеше на душек на под во една од собите, двајца беа затекнати како спијат на единечен кревет во ходник, еден осуденик спиеше на кревет кој немаше даски, па самиот поставил телевизор под душекот, а еден спиеше на ќебе послано на под“, стои во Извештајот.

Осудениците информирале дека во изминатите 2 – 3 недели немале вода и не можеле да се тушираат, ниту да си ги измијат садовите. Поради тоа во зградата се ширела лоша миризба, многу неизмиени садови во ходниците, собите полни со муви и други инсекти.

„Во моментот на посетата температурата во градот изнесуваше 40 степени. Осудениците нè информираа дека директорот не им дозволил да внесат вентилатори, ниту пак им се обезбедени од страна на установата“, се посочува во Извештајот.

Се додава дека, осудениците се сместени во новата зграда која има приземје и 2 ката, а вкупниот
број на лица е 240. Иако е нов објект, на приземјето била забележана влага на таваните и ѕид кој се рони поради влажноста.  Осудениците имале голем број поплаки поради недостигот од вода на вториот кат, како и фрижидери каде би можеле да ја чуваат храната за време на летниот период, а  голем дел од нив земаат пакети со храна од надвор. Бидејќи установата служи, на пример, само една конзерва риба за двајца,  еден мал јогурт по човек за три оброци, една чинија пире со две виршли за  лица итн. Оние кои немаат финансиски средства да набавуваат храна од надвор или пак немаат блиски луѓе кои би им носеле храна, јадат од затворската, за која велат дека е ужасна.

„Сите оброци им се доделуваат наеднаш, а најчесто поради пренатрупаноста, осудените се приморани оброците да ги поделат на двајца. Дополително, лебот се доставува на влезот од
ходниците, на места кои имаат ниско ниво на хигиена и присуство на разни инсекти.
Речиси сите осудени укажаа на проблемот кој го имаат со инсекти (тавтабити, бубашваби и слично) во собите за спиење, а голем дел од нив имаа и траги од убоди од инсекти“, пишува во Извештајот.

Дел од осудените се пожалиле дека затворот не ја набавува потребната медицинска терапија или дека не можат да дојдат на ред да бидат прегледани од доктор, иако имаат поднесено писмено барање за тоа.

Посебното одделение во КПД Идризово е женското одделение, како посебен одвоен објект каде се сместени вкупно 66 жени. Тоа е целосно реконструирано, а не функционирал видеонадзор во одделението што е пречка за истражување на било каков случај на несоодветно постапување или тортура врз затвореничките, кои во разговор со тимот се пожалија дека командирките често употребувале прекумерна физичка сила врз нив, им се обраќале со погрдни зборови и слично. Осуденичките се пожалиле дека им недостига разговор со психолог, како и повеќе слободни активности, бидејќи освен гледање телевизија и прошетка во дворот, немаат начин како да го поминуваат времето. Во изминатиов период Здружението „Жртва“ од Скопје во соработка со Управата за извршување на санкциите имплементира проект „Рехабилитација на жени затворенички“, финансиски поддржано од Цибика мобилитас,  жените имаат можност неколку пати во месецот да посетуваат јога часови во рамки на установата.

Препораките од Хелсиншки се : итно преземање на мерки за решавање на пренатрупаноста во установата; решение за проблемот со водоснабдувањето; обезбедување на 3 оброци во текот на денот, Установата да им обезбеди или да им овозможи на осудените лица да набават вентилатори во текот на летниот период, Министерството за здравство да го реши проблемот со здравственото осигурување и секундардна здравствена заштита; итно спроведување на дезинсекција во сите простории на КПД Идризово поради присуството на тавтабити и слично.

Во КПД Куманово, во споредба со посетата од септември 2020 година, мониторинг тимот затекнал реконструирани тушеви и направени биле заеднички мијалници. Но, во самиците биле затекнати во лоши хигиенски и супстандардни услови, креветите биле без, или со  валкани душеци и без постелнина, столчињата биле скршени, тоалетите во многу лоши хигиенски услови, а мијалниците целосно искривени, системот на повикување не функционирал во самиците, а светлото го вклучуваат и исклучуваат вработените во установата. Здравствената заштита се обезбедува со медицински техничар, вработен со полно работно време. Доктор доаѓа во посета на затворот два пати неделно, а стоматолог еднаш на две недели, а не е ангажиран психијатар. Осудените лица не се под стручен психијатриски надзор, што штетно влијае врз нивното здравје, констатира Хелсиншки.

Штипскиот казнено поправен дом во јули имал вкупно 223 осудени. Во споредба со 2020, реконструирано било приемното одделение во кое биле сместени 3 затвореници. Во него немало светло,, а хигиената во тоалетот била задоволителна. Со финансиска поддршка од Управата за извршување на санкциите, комплетно биле реконструирани прозорците и вратите во сите крила како и еден тоалет. Овој КПД има капацитет за само 156 лица, и повторно се соочува со пренатрупаност, констатира Хелсиншки а осудените лица издржуваат казна затвор во простории кои не ги исполнуваат стандардите, во поглед на големина, ширина и должина. Во април годинава започнат е образовен процес на осудените, и на почетокот 40 лица се пријавиле да следат основно образование, што се спроведува со финансиска поддршка на МО и УНДП.

Во КПУ Тетово во јули годинава имало 72 осуденици, а вкупниот капацитет на установата е за 53 лица. Тимот на Хелсиншки затекнал променети врати и прозорци во некои од собите, во споредба со пред една година, како и реконструрани тоалети. Со помош на донации биле набавени нови душеци и постелнини за осудените лица. Било утврдено дека осудениците имаат само 1 час во текот на денот за прошетка, наместо 2, а затворените се пожалиле дека се тушираат само еднаш во текот на неделата, поради рестрикциите со вода. Некогаш вода имало дури во 3 часот по полноќ.

(М.Т.)

фото:  МИА


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

Банер за Супер7
1x1