ММС
Банер за Супер7

Објавено на: 11/16/21 11:11 AM

Немањето став за некое прашање не значи пропаст во политиката

Рецензираме текст чиј наслов „ЗАЕВ ПРЕТА ВО ЖИВА КАЛ: СО ОНА ШТО СЕ СЛУЧИ ДЕНЕСКА САМИ СИ ЈА ЗАПЕЧАТИ ПОЛИТИЧКАТА КАРИЕРА, А ГО ЗАКОПА И СДСМ!“ кој е личен субјективен став на новинарот кој го изработил текстот. Авторот,кој е непознат за јавноста, со пишувањето,  ја наведува публиката дека она што се случило во Собранието е вина на Зоран Заев.

Насловот пренесува личен став на новинарот, а во текстот нема ништо што може да ги поткрепи неговите тврдења. При тоа, вметнува свој коментар, користејќи збирен новинарски извештај за случувањата од 11 ноември кога пратеникот од редовите на Беса, Кастриот Реџепи одеднаш исчезна и го растури мнозинството потребно за гласање на недоверба на Владата.

„ И додека целата јавност- и политичари и граѓани, се засегнати од прашањето каде е пратеникот Кастриот Реџепи, премиерот Зоран Заев и неговата партија СДСМ досега немаат никаков став околу тоа“  коментира новинарот и додава:

„По циркусната претстава која денеска се случува во македонското Собрание, јавноста смета дека Заев прета во жива кал и сам си ја запечати политичката кариера, а го закопа и СДСМ“.

Подолу во текстот кој е извештај со изјави од лидерите на политичките партии учесници во процесот, никаде во текстот не е е објаснето која јавност смета дека „Заев сам си ја запечатил политичката кариера“, ниту е образложено како молчењето на СДСМ ќе ја закопа владеачката партија.

Со овој наслов, новинарот кој го објавил текстот, го прекршил Кодексот на новинарите  членот 1 во кој се вели:

Новинарот треба да објавува точни, проверени информации и нема да прикрива суштински податоци и да фалсификува документи. Доколку информацијата не може да се потврди или станува збор за претпоставка, односно шпекулација, тоа треба да се каже и објави“.

Кодексот е прекршен  бидејќи новинарот во насловот шпекулира, односно претпоставува без да наведе дека информацијата не може да се потврди.

Прекршен е и член 14 во кој се вели “Известувањето од политичките процеси, посебно од изборите треба да биде непристрасно и избалансирано“.

Новинарите во изборните процеси имаат посебна улога, дефинирана и со Изборниот законик и редица други документи. Во „Новинарскиот прирачник за известување од избори“ на ЗНМ и Фондацијата Конрад Аденауер, стои дека

новинарите имаат обврска да известуваат на вистинит начин, преку сеопфатно прикажување на реалноста низ факти и аргументи. Тие мора да имаат критички однос кон информациите, што подразбира дека ќе ги проверуваат и потврдат “. Новинарот мора да прави јасна дистинкција меѓу фактите и мислењата и не смее да изразува свои политички гледишта и мислење во вестите“.

Овој проект е поддржан од Амбасадата на САД. Мислењата, откритијата и заклучоците или препораките изнесени овде се на имплементаторот/авторот Медиа плус, и не ги одразуваат оние на Владата на САД.

                                                                                                        

 


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

Банер за Супер7
1x1