ММС
Банер за Супер7

Објавено на: 11/16/21 7:12 PM

Милион километри полни со тајни, пикантерии и трачеви – Трајче Хаџи Арсов, возачот кој возел десет градоначалници на Велес

Постои изрека која вели „возачот ги знае сите тајни на фирмата во која работи и за се што ти треба, да се обратиш кај него“. А, кој може да знае повеќе тајни од возачот Трајче Хаџи Арсов – Бибецот, кој целиот работен век од 40 години го поминал во Општина Велес и кој возел десет градоначалници.

Хаџи Арсов ги возел градските татковци на Велес од далечната 1974 година се до 2014 година кога се пензионирал. Во разговор за ММС, тој не ги откри тајните на политичарите, но ги откри пикантериите и доживувањата на своите патници додека заедно со нив поминал повеќе од еден милион километри.

– Додека служев војска во Риека од 1969 до 1970 година, бев инструктор и ги обучував другите војници да возат. После отслужување на воениот рок се вратив во семејството. Ние бевме сиромашно семејство со пет деца. Мајка ми отиде да се моли за работа кај Александар Варналиев, првиот претседател на општината кој ни беше сосед. Ме викна другиот ден кај него и ми рече “тргај на работа, ќе возиш булдожер кај село Мартолци“. Јас немав поим од возење, одев само напред назад и кога виде дека не ме бидува за тешки возила, ме врати во општината и ми рече „седи тука ќе возиш автомобил“. Ме задолжи со „фиат 1300“ со дамски менувач, а потоа возев „фолксваген буба“. Во тоа време само тие возила ги имаше во Македонија – ја почна приказната за ММС, Трајче Бибецот.

Хаџи Арсов во текот на кариерата ги извозел претседателите на општина или градоначалници: Александар Варналиев, Стеван Ќулумов, Ристе Ристевски, Трајче Џалев, Лилјана Бојаџиева, Трајко Пренџов, Ордан Николовски, Аце Коцевски, Горан Петров и Славчо Чадиев. За време на мандатот на Славчо Чадиев тој се пензионираше и ги остави клучевите во рацете на неговиот заменик Тодорче Поп Златанов.

Возачот си поминал убаво со сите градоначалници со кои поминал 1.000.000 километри низ Македонија и низ Австрија, Италија, Хрватска, Словенија, Унгарија, Бугарија, Романија, Албанија и останатите балкански земји.

– Маанаџија беше Аце Коцевски, а со Лилјана најдобро си поминав. Таа секогаш оставаше на мене да избегам место за појадок или ручек, не ми правеше никаков притисок додека возам. Сите политичари разговараа со мене освен Аце Коцевски. Имавме правила на однесување во автомобилот. Сите градоначалници седеа десно на задното седиште и никој од нив не пушеше во автомобил. Интересно е што сите беа горе-доле точни, но никој како Аце Коцевски. Никогаш не доцнеше. Некогаш со него доаѓаше и сопругата за да ја оставиме по пат на работа. Еден ден, таа излезе од возилото и отиде до дома, затоа што заборавила нешто. Тој ми вика „тргај, не ја чекаме“, а јас му велам „еве ја доаѓа“. Ми рече дека тој ми е претпоставен, а не таа и на крајот на оставивме жената – се присети велешкиот возач кој во текот на 40 години секогаш бил дотеран во костум и вратоврска.

Костумот не успеал да го извалка затоа што ниту еднаш во 40 години не сменил гума. Вели дека имал и среќа затоа што возел секогаш нови автомобили како што доликува за една општина.

– Возев десет автомобили. Како што се сеќавам, „рено 30“ беше најубаво. Возев и „југо“, „фоклсваген К-70“, “пежо 405“, „пежо 504“, „пежо 604“, „мерцедес Ц 220“, „цитроен Ц-5“ и „цитроен Ц-3“. Уф, тоа француското луксузно „пежо 604“ колку трошеше. Требаше да одиме за Љубљана со претседателката Лилјана и неколку членови. Јас не го наполнив резервоарот вечерта како што беше правилото и сабајлето со нив отидов на бензинска. Кога видоа дека еден резервоар потрошивме од Велес до Ниш, веднаш го сменивме автомобилот по враќањето од службен пат – истакна Трајче Хаџи Арсов.

За 40 години кариера бил казнет само за брзо возење затоа што постојано возел малку повеќе од дозволеното, но никогаш не направил сообраќајна несреќа или ги загрозил другите учесници во сообраќајот.

– Многу брзо возев, некогаш и по 180 км/ч. Се сеќавам на една случка со градоначалникот Аце Коцевски кога се враќавме од Силистра, Бугарија, збратимен град со Велес. На автопатот пред Софија не сопре полиција и не праша „каде бе момчета?“, а јас му викам “кај кметот софијански, го носам кметот од Македонија“. Полицаецот се понуди да не отпрати до Софија, но му реков дека нема потреба за тоа. Градоначалникот прво ми се налути, но потоа сфати дека одбегнавме казна за брзо возење. Со него имавме и ситуација кога малку се излизгавме на мраз после тунелот на делницата Катланово-Велес, но за среќа го исконтролирав возилото и застанавме без да ни фали влакно на главата – рече Хаџи Арсов присетувајќи се дека многу одамна бил пратен од Велес во Охрид да го вози 15 дена аѓутантот на Јосип Броз Тито, генерал Милан Жежељ со кого си поминал одлично, иако не знаел зошто престојува во Македонија.

Девет години откако е во пензија, Трајче се вратил на својата голема љубов, планината.

– Сега во овие девет години откако сум во пензија, со сопругата одиме на планина и пешачиме, доста ми беше возење. Ја обожавам планината и минувам многу време на неа. После 40 години возење, убаво е човек да пешачи низ шума – истакна Бибецот за ММС и додаде дека имал понуда да напише книга со мемоари за се она што се изнаслушал додека 40 години возел политичари.

Орце Костов

 


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

Банер за Супер7
1x1