ММС
Банер за Супер7

Објавено на: 11/15/21 12:13 PM

ИРЛ:Кривичниот совет го одби барањето за прекин на казната на Кичеец, оштетеното семејство бара кривично да се гони за сообраќајката

Зоран Милески Кичеец сепак нема порано да излезе од затворот во Струга . Кривичниот суд одлучи да му го одбие барањето за условен отпуст и Кичеец да ја издржи казната до последен ден.

Тричлен совет на чело со судијата Огнен Ставрев во петокот заседаваше по неговото барање за условен отпуст. На седницата освен судиите присутен бил и директорот на затворот во Струга кој го образложувал доброто поведение на Милески Кичеец во установата со која раководи.

Главната причина која Милески ја наведува во молбата е дека мора да излезе од затвор за да може да се врати на работа како магационер во кафе барот „Егоист“ и да го издржува семејството. Пред да почне да ја издржува казната затвор Милески се развел од сопругата и сега неговите пет деца живеат со мајката на Милески која има здравствени проблеми и според барањето за условен отпуст не била во состојба да се грижи за децата.

Во барањето за условен отпуст до кое дојде ИРЛ, директорот на затворот во Струга дал позитивно мислење и навел дека „поведението на осуденикот во секој поглед е на потребно ниво“.

„Осудениот користи погодност отсуство надвор од установата, од каде навреме и во уредна состојба се враќа. Воспостави и гради добри другарски односи со одмерен однос кон секое осудено лице и важи за добар другар. Спрема службените лица има коректен и почитувачки однос. Не се пројавува со здравствени проблеми, кривичното дело го признава и се кае“, пишува во барањето за условен отпуст .

Во молбата нема ни збор за сообраќајката која ја направи во време кога издржува затворска казна за случајот „Рекет“. Кусо е забележано само кривичното дело.

Управата за извршување санкции му пресметала дека треба да го напушти струшкиот затвор на 7-ми февруари 2023-та година.

Нова надеж за Милески Кичеец може да биде Апелацискиот суд во Скопје, кадешто може да се жали после одлуката на кривичниот совет.

Милески Кичеец во меѓувреме успеа да се спогоди со обвинителството во Гостивар и за сообраќајната несреќа во која загина еден човек а седуммина беа тешко повредени доби под предвидениот минимум, или  шест месеци затвор. Спогодбата ја потврдил и судијата на претходна постапка во судот во Гостивар, Кирко Михајловски.

Семејстовото на Селими не се откажало од кривично гонење

На 4-ти септември кај преминот Стража загина 34-годишниот Евзаљ Селими од гостиварско Долна Бањица, татко на две малолетни деца.  Селими загинува откако во него ќе удри возило „Мерцедес“ кое доаѓа од спротивната страна. Возач на „Мерцедесот” е Зоран Милески Кичеец, кој во тој период ја издржува затворската казна во случајот „Рекет”. Кога не успеал да го помине возилото „БМВ“ коешто сакал да го претекне на забрането место, тој ќе удри во автомобил кој доаѓа од спротивниот правец.

По оваа сообраќајка со еден загинат и седуммина тешко повредени, Милески Кичеец станува единствен осомничен за предизвикување на тешки дела по безбедноста во сообраќајот. Прво се гони за евентуална умисла, за потоа надлежниот обвинител Арсим Адеми да го преквалификува делото од небрежност, по што се отвора патот за пониска казна. И покрај сите околности и признанието на вина и каењето на Милески, семејството на жртвата Селими не се откажува од кривично гонење. Но, нивниот глас се чини неважен при носењето на спогодбата од шест месеци затвор за Милески.

„Се потпревме на обвинителот. Ние нашите права ќе ги оствариме во граѓанска постапка. Криво ни е што немаме право на жалба,  но казната е веќе претерано ниска. Таа спогодба е работа меѓу обветиот и обвинителот и судот го аминувал, а можел и да не прифати, вели Љавдрим Сефери, адвокатот на оштетените.

По сообраќајната несреќа сопругата на Селими останува вдовица со две деца, од шест и осум години. За да ги чува децата, сега е невработена и сама се грижи за семејството. Останатите родини одамна се заминати и живеат во Австрија.

ИРЛ се обиде да стапи во контакт со нив, но по трагичниот настан се повлекоа и не сакаат да излегуваат во јавност. Адвокатот ја пренесе нивната порака од спогодбата. Се обидел да ги контактира и Милески Кичеец со нив, но бил одбиен.

„Свесни се дека не можат да го вратат и болката е голема, но од одлуката на обвинителот се многу разочарани и непријатно изненадени, вели Сефери.

ИРЛ разговараше со надлежниот обвинител Арсим Адеми кој посочи дека клучниот момент за да направи преквалификација на делото било сообраќајното вештачење.

По двете правосилни одлуки за Зоран Милески Кичеец, се отвора патот тој да побара спојување на затворските казни  за „Рекет” и сообраќајката во една единствена, што би значело намалување на вкупната висина на казните.

Линк до сторијата на Истражувачка репортерска лабораторија

Фото: ИРЛ


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

Банер за Супер7
1x1