ММС
Банер за Супер7

Објавено на: 11/15/21 12:08 PM

(Видео) Објавени песната и спотот на „Дајте музика“ за Детска евровизија: Green forces ја преземаат контролата

„Ова е единственото место кое го нарекуваме дом и мора да сфатиме дека постапуваме погрешно“ – можеби звучи како заклучок од неодамнешната конференција за климатски промени COP26, но всушност ова се стиховите од песната која ќе ја претставува Македонија на Детскиот избор за песна на Евровизија 2021 во Париз.

Четворица тинејџери од актерската екипа на проектот „Дајте музика“ која е составена од речиси 40 талентирани деца, беа избрани од страна на Македонската радио телевизија да ја претставуваат нашата земја во Париз. Два водечки и два пратечки вокали ќе го кренат гласот за заштита на животната средина и со здружени сили под зеленото знаме, ќе пеат за злото кое ѝ е нанесено на планетата Земја со глобалното затоплување.

„Идејата за учество на Детската Евровизија 2021 дојде некаде во месец мај, кога се подготвувавме за снимање на третата сезона од едукативно-забавниот серијал „Дајте музика“. Добивме многу добра песна потпишана од Роберт Билбилов, кој е можеби еден од најталентираните музички продуценти кај нас и кога ја слушнавме, помисливме дека би било штета доколку истата остане само за серијалот. Што се однесува до темата, таа беше избрана од страна на децата. Потоа следеше соработката со еден од врвните македонски бизнис лидери со вродена љубов кон музиката, Робин Зимбаков, а сето тоа на крај резултираше со извонреден пакет кој достојно може да се носи со останатите 18 европски земји кои ќе настапат на годинешниов детски Евросонг!“ – рече Цаци Паковска, продуцент на „Дајте музика“.

„Ние не можеме да ги решиме проблемите со загадувањето, но секој од нас може да направи огромна разлика! Потребни сме ѝ на нашата планета!“ – велат изведувачите Анастасија, Филип, Кики и Миха во нивниот блог за песната. Свесни дека не можат да ја поправат штетата што ѝ е нанесена на природата, целта на GREEN FORCES е да поттикнат што е можно повеќе деца, да го согледаат наследството и да почнат да се однесуваат одговoрно кон единственото место кое 7.9 милијарди луѓе нарекуваат дом.

„Дајте музика“ е партнерски проект на Македонската радио телевизија и Рифенштал продукција. Од октомври 2019 година, шоуто има повеќе од 32 милиони прегледи на својот You Tube канал.

Видео записот GREEN FORCES го изработи продукцијата Вертиго Вижуалс и истото премиерно беше претставено синоќа на првиот канал на македонскиот национален сервис и официјалниот You Tube канал на јуниорскиот Евросонг.


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

Банер за Супер7
1x1