ММС
Банер за Супер7

Објавено на: 11/15/21 1:20 PM

Сите седум пиротехничари во ДЗС пред пензија, а нови кадри нема – Македонија врие од неексплодирани гранати

Во Македонија врие од неексплодирани убојни средства, останати од Балканските војни и Првата светска војна, а луѓето кои се обучени за нивно деактивирање во државата се бројат на прсти. Да е уште полоша ситуација сите седум пиротехничари со колку што во моментот располага Дирекцијата за заштита и спасување, се пред заминување во пензија. Со години не се примени нови кадри, а ако тоа не се направи во најскоро време, државата за најмногу три години ќе нема ниту еден стручњак од оваа област. Најголем дел од нив веќе требало да заминат во пензија, но го продолжиле својот работен век, за да помогнат. За разлика од кај нас во повеќе држави, пиротехничар завршува со работа на 55 години, а во државава само еден е со соодветно образование, останатите тоа го работат, откако поминале одредена обука.

„Ние во моментот сме седум луѓе.Тие се сите стари и ја поминаа границата на пиротехничари одамна.Ни требаат млади кадри.Шеснаесет години не е вработен нов пиротехничар“, вели Ефтим Митров, раководител на пиротехничари во Дирекција за заштита и спасување.

Тој има објаснување зошто се доцни со вработуање на нови кадри.

„Бидејки таа е ризична работа, а условите за работа, нас воопшто не ни беа прилагодени. Дури сега успеавме да го измениме Законот за пиротехничари. Досега бевме држава во која немаме бенифициран стаж, нема ризик иако е максимално ризична професија. Сега со измените очекувам, дека ќе се примаат млади луѓе за таа работа, да ги обучиме, барем додека сме ние овде, да не заменат затоа што за три години ние веќе ќе немаме кадри“, додава Митров.

Иако нема податок за точниот број на неексплодирани гранати, експертите сметаат дека најризични региони се битолскиот и струмичкиот, низ кои што поминувала линијата на Солунскиот фронт. Токму овде имаат и секојдневни интеревенции.

„Од Првата светска војна се поминати 105 години.Кај нас наместо да паѓа бројката, се зголемува бројот на пронајдени неексплодирани убојни средства. Во овие петнаесет години, секоја година тој број оди нагоре. И очекувам уште некои дваесет години да оди нагоре. Ние просечно имаме секој втор ден интервенција. И 90 проценти од нив се од Првата светска војна“, додава Митров.

Според него, сите неексплодирани гранати се опасни, доколку се дојде во допир со нив.

„Скоро сите тие средства се исправни со запалки.Сите тие се исправни и чекаат жртви. Сите што се на земја се опасни, не смеат да се фаќаат, несмеат да се поместуваат. Најдобро е само да пријавите и ништо друго. Најризични региони се битолскиот и струмичкиот. Линијата на Солунскиот фронт е таму и имаме секојдневни интеревенции“, додаде тој.

Пред неколку години во голема акција од Охридското езеро беа извадени околу 8000 вакви гранати, а  се претпоставува дека има најмалку уште толку под вода. Но пиротехничарите смируваат дека се додека се во вода тие не се опасни, дури откако ќе се извадат од вода можат да бидат опасни.

„Ние работевме на едно чистење. Но, не е довршено. Имаме се уште и кај градската плажа. Има седум-осум парчиња, кои знаеме и каде се и мора да се извадата. Се додека се во вода тие не се опасни, дури откако ќе се извадат од вода се опасни.Тогаш извадидме 8000 различни парчиња. Ние очекуваме минимум да има уште толку. Тие акции се опсежни. Тоа неможе да се направи преку ноќ“, вели Митров, пиротехничар.

Експертите сметаат дека така лесно неможе да се исчисти државата од ваквите убојни средства.

„Тоа е долготраен процес, во кој треба да бидат вклучени различни институции. Меѓутоа силна меѓународна експертиза ни е неопходна. Да Македонија е простор,каде можеме да кажеме дека се уште има голем број на мински неексплодирани средства.Согласно законите има постапка и процедура како тие се уништуваат“, вели професорот на Факултетот за безбедност, Никола Дујовски.

Последниот пожар на крајот на летово, на планината Галичица кај Охрид, го извади на површина проблемот со неексплодираните гранати, за каде се претпоставува дека ги има во голем број, а од каде поминувал тој фронт. Додека огнот се ширеше, се слушнаа неколку посилни експлозии, поради што неможеше да се интервенира од воздух со помош на армиските хелихоптери.

„После пожарот испратив двајца пиротехничари. Пронајдоа една рачна бомба и една граната во опожарениот дел. Проблем е чистењето на Галичица, бидејки таму може да се оди само со хелихоптер. Сега кога одеа, движењето само во еден правец е три часа и назад три часа, вкупно шест. Кога ќе работат тие луѓе? Чистењето на Галичица е долг процес и тоа неможе да се направи преку ноќ“, вели Митров.

Во изминатите десет години имало една жртва од неексплодирани гранати и четири случаи на повредени луѓе во земјава,кои останале инвалиди.

Мики Трајковски

 

 

 


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

Банер за Супер7
1x1