ММС
Банер за Супер7

Објавено на: 11/14/21 5:46 PM

Возат по 42 км во инвалидска количка за да докажат дека се рамноправни во општеството – Лицата со посебни потреби сакаат да бидат видени

Изолацијата на лицата со посебни потреби беше почеста појава пред пандемијата, но и сега во време на ковид – 19 тие се уште позатворени, без доволно социјализација, практично во домашен затвор. Единствен излез им се средбите, спортските натпревари и игрите.

Една од нив беше и републичкиот натпревар во табла кој се одржа во тетовска Брвеница, каде поради протоколите немаше многу учесници. Неколку од нив пред ММС ги кажаа маките со кои се соочуваат во секојдневието. Но, од она што го кажаа може да се заклучи дека храброста и упорноста да бидат во секоја пора од општественото живеење е сигурна дефиниција за нив.

Зоран Јовановски

Зоран Јовановски од Општина Василево, вели дека ретко стои во место. Моментално на шега вели сега морам, оти таков е натпреварот во табла.

Инаку тој со својата инвалидска количка поминува еден маратон од 42 километри. Ние како лица со посебни потреби мора да бидеме секаде присутни, иако има луѓе кои кон нас гледаат со сомнеж и сметаат дека тоа што тие го прават, ние не можеме.

Поголеми проблеми му се препреките на сообраќајниците, како високите тротоари, но и несовесните возачи кои во град возат и над 100 километри на час, со таа брзина ударот за нас како што рече би бил кобен. Но, дополнува Јавановски, ние не се откажуваме од нашата борба, да докажеме и кажеме дека и ние сме тука и сме дел од општеството.

– Почнав пред четири години, прва трка ми беше една ревијална во Белград, потоа се пријавив на скопскиот маратон. Првиот пат поминав 21 километар и сега трет пат возам цел маратон 42 километри. Значи 42 километри некаде за 4 часа ги возам. Значи правам муабет за обична количка, а не за маратонка. За тренинг тренирам во Општина Василево, каде и што живеам. Имам спореден пат до Вељуса, тука го правам цел тренинг или околу Струмица. Кога почнав да возам, сите ме прашуваа дали си ти учесник и им велам да, а дали ќе го извозиш, а јас им одговарам па ќе се обидам. На крај ете ја го возам маратонот, а тие некои што ме прашуваат, не можеа да го извозат или стигнуваат после мене, а сега чекам да падне снегот и да одам на скијање.Тука скијам на Маврово и одам во Бугарија на Пампорово со специјални скии скијам тука во Маврово, нема патека што не ја спуштам и во Пампорово лани ја спуштив најтешката патека – црната, вели Јовановски.

65 годишниот параолимпиец Ванчо Каранфилов кој се занимава со стрелаштво, вели дека додека го држат очите и раката нема да се откаже од овој спорт, која е важна дисциплина за лицата со инвалидитет, како и сите други од областа на спортот.

-Пандемијата влијаеше лошо за нас, како и за секој човек, но нас инвалидите уште повеќе не затвори, дека ние всушност инвалидите практично сме во домашни затвори. И ние со пандемијата и пред неа и по неа, ако некогаш престане, секогаш се обидуваме да ги извадиме инвалидите од тие домашни затвори, и во целиот во овој контекс, овој турнир многу значи, од ова дружење нема поубаво, рече Каранфилов.

Годинешниов е единаесетти републички натпевар во табла, во организација на здружението Мобилност Тетово.

-Како Мобилност организираме натпревари во табла, шах, спортски дисциплини, каде се собираме се дружиме и на некој начин покажуваме дека сме присутни и дека постоиме. Сега активни беа локалните избори и сакаме да сме присутни на секое место како граѓани на ова општество, рече Велибор Јакимовски претседател на здружението Мобилност.

Илчо Кангов

Учесниците ја поздравија манифестацијатa, која значи многу за нив, особено за нивно анимирање.

-Порано почесто се гледавме, но сега послабо поради коронава и затоа овие средби се убави, за да се видиме барем еднаш во годината. Сите активности се добри за социјализација и добри за забава.Таблата е друштвена игра и интересна. Што почесто има вакви натпревари, тоа е подобро за нас, но и за општеството, оти некој кога ќе види инвалид тој мисли дека способноста ни е драстично намалена во секој поглед и затоа овие средби и натпревари се добри за анимирање на нашите членови. Здравите луѓе кон нас треба да гледаат како рамноправни членови на ова општество – рече Илчо Кангов учесник на натпреварот.

Зоран Димовски

фото: ММС

 


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

Банер за Супер7
1x1