ММС
Банер за Супер7

Објавено на: 11/14/21 12:12 PM

Досегашниот градоначалник на Центар Жупа ќе остане на функција се додека Собранието не распише нови избори

Со одлука на Владата досегашниот градоначалник на Центар Жупа, Аријан Ибраим e именуван е за повереник за надлежностите на градоначалник за оваа Општина.

Ибраим ќе ја извршува должноста повереник во период до распишување на нови избори за градоначалник од страна на македонскиот законодавен дом.

Веста преку објава на Фејсбук ја соопшти Ибраим, кој со оваа Општина раководеше во изминатите осум години.

– Правдината и да доцни, еден ден ќе си дојде. Официјално продолжувам со функцијата ГРАДОНАЧАЛНИК!!! Благодарност до искрените членови на ДПТ и сите верни поддржувачи на прогресот и напредокот на нашата општина, напиша Ибраим.

Во оваа печалбарска општина, во која околу 70 отсто од жителите се во странство, во првиот круг од локалните избори не беше избран нов градоначалник, бидејќи не беше обезбеден потребниот цензус на излезност од 1/3 (33 отсто) од вкупно запишаните 7.317 гласачи, во единствениот избирачки список.

Од вкупниот број запишани избирачи, на 17 октомври правото на глас го остварија 25,77 отсто или 1.886 лица, од кои над 70 отсто гласаа за Ибраим, кој беше кандидат за градоначалник на Демократската партија на Турците (ДПТ).

Во меѓувреме конституиран е 11-члениот Советот на Општината, во кој пет советници се од ДПТ, по двајца од СДСМ и Движењето за национално единство на Турците и по еден од ВМРО-ДПМНЕ и Партијата за движење на Турците. За претседател на Советот беше избран Бирџам Селман.

МИА

фото: Facebook

 


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

Банер за Супер7
1x1