ММС
Банер за Супер7

Објавено на: 11/13/21 6:04 PM

Дојден е нож до коска, градежни бандити го уништуваат -Протест на жителите на Маврово, бараат посебна општина

Една од најубавите и најзелени општини, лоцирана во националиот парк, стана највалкана, каде владеат урбани мафијаши кои закон не ги гони, а мештаните немаат вода за пиење и се опколени со диви депонии. Тоа беше посочено на денешниот протест под мотото: „Спас за Маврово“, организиран од месното население и сопствениците на викендички во оваа општина.
Од одборот на „Спас за Маврово“, побараа мораториум за градење во наредните две години, за да се спречи урбаното лудило и да се зачува тоа што остана, а како што истакнаа, останато е многу малку.


Велат дека тука законот како да не постои. Решенија за уривање на дивоградби не се реализираат, се узурпираат резервоари за вода за бизнис цели, а мештаните се жедни покрај езеро и извори.
„Бараме од новата локална власт уривање на типските градби кај хотелот Радика,  да се запре градењето на објекти околу Мавровското езеро и да се утврдат останатите дивоградби. Да се поништат сите договори за концесија за извори и резервоари од кои добива вода една цела населба. Бараме мораториум за градба. Исто така имаме проблеми со собирање на смет. Да се реши проблемот со уличното осветлување, да се згрижат уличните кучиња.

Од Владата бараме да се престане со отуѓување на државно земјиште, да не се издаваат дозволи за градба во заштитниот појас околу езерото. Во процесот на издавање на дозволите за градба да бидат вклучени и соседите, под итно да се затворат угостителските објекти кои немаат пречистителна станица, затоа што сега сите фекалии одат во Мавровско езеро“, истакнаа од одборот.


Сопствениците на викендички посочуваат дека се срамат да повикаат гости, поради уништената и девалвирана природа, полна со смет и узурпирана со бетон. Спасот го гледаат во одвојување на Маврово од постоечката Општина Маврово – Ростуше, како посебна општина, исто како што било пред 15 години.


„Единствен излез е Маврово пак да биде независна општина како што беше пред 15 години. Постоечката општина не ни дава вода и не ни го собира сметот, работи обратно, ни зема вода и ни носи смет. Општината гради згради со 160 стана и уште не убедува дека е тоа се легално. Таа направи да нема риби во езерото, нема ракови, водата е валкана. Засега барем потпретседател на општината треба да биде човек од Маврово, за да го зачуваме тоа што остана. И тоа ако го снема, да си собереме парталите и да заминеме. Катастрофа. Имаме „расол“ од систем кој сега само го гледа профитот. Тука има 2.100 викендици. Плаќаме даноци и од тие пари ништо не се инвестира, само се девалвира природата“, рече Митко Кочоски сопственик на викендичка.


На денешниот протест се вклучија и дел од угостителите кои порачаа:
-Да ја зачуваме природата, оти во таква природа никој нема да пие кафе и да руча, покрај смрдлива река. И никој нема да лови риба во езеро со фекалии. Затоа колеги, инвестирајте во филтер станици, ако сакате да не ви пропадне бизнисот, рекоа тие.


Претседателот на Месната заедница Леуиново, Владо Лазаревски, истакна дека поради негрижа, Мавровско Езеро полека исчезнува на сметка на големи бизнис интереси.
„Имаме проблем со биолошкиот минимум во езерото, растителниот и животинскиот свет нема кислород, имаме загадување од септичките јами“, рече Кочоски.


Учесниците на протестот истакнаа дека ќе организираат референдум за овие прашања, ако и понатаму како што рекоа, властите останат глуви на нивните барања. Ситуацијата е алармантна, велат дека е дојдено нож до коска.


„Денеска е првиот мирен протест, но понатаму ќе го радикализираме и ќе има повеќе форми на граѓанска непослушност, ако продолжи игнорантскиот и шерифски однос кон македонскиот бисер- Маврово“, додадоа учесниците на протестот.

Текст и фото: Зоран Димовски


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

Банер за Супер7
1x1