ММС
Банер за Супер7

Објавено на: 11/13/21 3:11 PM

Од понеделник започнува откупот на тутунот, се очекува минимална цена од 220 денари за килограм

Од понеделник, 15 ноември, стартува откупот на тутунот од годинашнава реколта. До денеска е заверувањето на мострите тутун и до понеделник сите девет откупни претпријатија треба да ја почнат откупната кампања. Неподелено е и мислењето и на откупувачите и на тутунарите дека реколтата е многу поквалитетна од лани, иако одот е намален. Се очекува род од 18 до 20.000 тони, а просечната цена да не биде под 220 денари за килограм.
Кире Станкоски, генерален директор на прилепскиот Тутунски комбинат вели дека се подготвени за почетокот на откупот и дека парите се обезбедени.
„Подготовките се завршени, поделени се картоните, парите ги обезбедивме и сета документација е завршена. Доколку се подготвени кооперантите, ние можеме да почнеме со откуп од понеделник, вели Станкоски.
Менде Стомнароски, претседател на Сојузот на земјоделски здруженија на Македонија вели дека состојбите сс поволни за тутунарите, за разлика од лани. Родот иако помал е квалитетен, а е донесен и нов правилник за откуп. Тутунот, главно, ќе се откупува во три класи.
„Оваа година тутунот е многу поквалитетен. Реколтата количински е помала, очекуваме најмногу да тежи до 22.000 тони. Тутунот, главно, ќе се цени во трите класи“, вели Стомнароски.
Тој додаде дека во првата класа ја зголемиле должината на тутунскиот лист, од 12 на 14 сантиметри, а во втората класа до 18 сантиметри.
Николче Мирчески од прилепското село Беровци очекува род од 4,5 тони, нешто помалку од лани, но поради квалитетот подобро да биде платен.
„Квалитетот во споредба со лани, има голема разлика.Тутунот е многу поквалитетен. Затоа, очекуваме, цената да биде многу подобра од лани“, рече Мирчески.
Според Игор Мирчески, координатор на четирите новоформирани тутунски здруженија, новиот правилник за откупот на тутунот нема суштински да ги промени состојбите.
„Најбитно е поверениците на вагите и Земјоделскиот инспекторат да ги контролира состојбите на теренот. Реално да се проценува родот на тутунарите на вагите. Цените на класите не се променети, единствено квалитетот на тутунот може да донесе повисоки цени. Сметаме дека просечната треба да биде околу 220 денари за килограм“, вели Мирчески.
(МИА)


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

Банер за Супер7
1x1