ММС
Банер за Супер7

Објавено на: 11/12/21 7:30 PM

„Порано ми беше тешко, бев сиромашна, сега без внуците сум уште посиромашна“ – Животот на баба Фикрије (107) од Тетово, една од најстарите пензионерки во Македонија

Војни, голема сиромаштија, преселби, самотија, губење на најблиски, па и на нејзиното чедо, постариот син, баба Фекрије Љоки од Тетово, родум од Косово поминала низ многу премрежија, но борбата и волјата за подобро утре ја одржува во животот. Баба Фикрије има 107 години, родена е на 10 јануари 1914 година и е една од најстарите пензионерки во Македонија.

ММС ја посети во нејзиниот дом во Тетово, да и посака добро здравје и да ја праша која е нејзината формула за долг живот, бидејќи оваа храбра баба ја надживеа и вообичаената честитка која на секој му ја посакуваме за роденден – „ај па да славиш стотка“, иако со овој стресен начин на живот, сите ние многу и не веруваме во тоа.

 

Баба Фикрие сега има 12 внуци, кои ги добила од трите деца. Едниот син бил гастарбајтер и починал од рак во Данска, каде сега живеат неговата сопруга и децата. Нејзината ќерка е омажена во гостиварски Калник. Сега во оваа голема куќа на три ката во Тетово таа живее со помладиот син Раим. И тој е печалбар, сопругата и трите деца му се во Швајцарија, но тука во Тетово дошол да се грижи за неговата долговечна мајка.

Пред куќата на баба Фикрие не пречека Раим, кој кога слушна кого бараме ни рече:

-Да дојдевте пред три месеци ќе ја затекневте во одлично здравје, и физички и умствено. Но, пред три месеци мајка ми доби излив, па памтењето не ја служи многу, и не е толку подвижна како порано, ни рече тој, па од тие причини Раим седна со нас и ни ја раскажа целата нејзина животна приказна.

 Тој вели дека баба Фикрије била и маж и жена во семејството. Откако со нејзиниот сопруг дошла од Косово во Македонија во 1956 година ,заедно се грижеле за децата, но тој после седум години починал и оттогаш, од 1963 година, се било на нејзин товар.

-Нејзината активност, борбата и грижата за нас можеби е рецептот за нејзинот долг живот. И гените се пресудни, затоа што и нејзините седум сестри живееле над 90 години, вели за ММС нејзиниот син Раим.

Таа никогаш од ништо не се откажала, се што замислила, посакала и рекла остварила. Раим вели дека Господ ја чувал, оти знаел дека „за нас го мисли и го прави најдоброто“.

-Таа ми кажувала дека имала тежок живот. Живеела од сточарство и земјоделие, немале многу храна, ама барем тоа што го јадела било здраво. Како и да е тежок живот живеела. Овде малку полесно и е. Но, сопругот и починал, па потоа и починал синот и пак тука тешкиот живот и продолжил. Без маж практично таа била столб на куќата, за сите се грижела, за сите деца. Мојот брат кога отишол во Данска малку животот и олеснал, тој и помагал, сега, пак, јас и помагам и така. Пензија има само земјоделска, бидејќи таа не работела никогаш и никаде, затоа што се грижела за нас и за домот, раскажува нејзиниот син Раим.

Она што е карактеристично за неа е точното време кога појадува, кога руча и кога вечера. Друга карактеристика нема. „Не се грижела многу дали ќе јаде здрава храна, но јас сега се трудам да и донесам квалитетна храна“, вели Раим.

-Никогаш не била болна со некоја тешка болест, можеби температура имала некогаш и болки во нозете ,но тоа и е од многу работа. По карактер е нервозна жена, иако тоа е лошо за здравје, но очигледно тоа на нејзе не и влиајело многу. Пред три месеци беше активна, не застануваше, дали во куќата, дали во дворот, важно редовно ручек си јаде. Но, изгледа стресот не и делува лошо на нејзиното здравје, со оглед на фактот дека е нервозна жена.. И сега иако не може поради изливот, нон стоп излегува, се сака нешто да работи, да чепка, рече Раим.

Ја запрашавме баба Фекрије како го издржала сиот товар на нејзините плеќи, кој е рецептот да издржи се, да не се предаде и до остане во живот. Таа пак со одговор каде највеќе ја боли, со солзи во очите кратко ни одговори.

-Многу ги сакам внуците, но не се тука, многу ми недостигаат. Едниот син ми почина, го нема, а и внуците ми ги нема. Во Европа се. Порано ми беше тешко дека голема сиромаштија, а сега без нив сум уште посиромашна, но истовремено и радосна што мојата фамилија сум ја извадила на прав пат, ни рече баба Фекрије низ солзи.

Завршивме со разговорот, Раим не испрати од својот дом. Стана и баба Фекрије, одејќи по дворот иако немоќна и со бастум и помош од синот, зеде некое огревно дрво  за да го распали ќумбето  во дневната соба.

-Мора да се бориме до крај, ако не бидеме активни и ако не се одржуваме, ќе згаснеме исто како што згаснува огнот ако не се ложи, тивко дополни Фекрије.

Зоран Димовски

 


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

Банер за Супер7
1x1