ММС
Банер за Супер7

Објавено на: 11/12/21 2:42 PM

Со 11,2 отсто заболени, земјава е во групата држави со висока преваленца на дијабетес

„Kако земја со 11,2 проценти заболени, ние сме во групата држави со висока преваленца на дијабетес. Тоа е повеќе од алармантен показател за една динамична прогресија на оваа здравствена состојба. Потребни се системи на континуирано следење на гликемијата и нивна достапност за поголем број на пациенти“, изјави Димче Велев, претседател на Сојуз на здруженија на дијабетичари на Северна Македонија, на денешниот Форум за одбележување на Светскиот ден на дијабетесот – 14-ти Ноември, со наслов „Што не сторивме против Дијабетесот?“.
Тој истакна дека луѓето почнаа да разбираат дека оваа чума на модерно живеење, опасно и интензивно се заканува и потребна е поголема едукација за дијабетесот, како и набавка на табеларната терапија глукомери, но не само за деца, туку и за возрасни.

Министерот за здравство Венко Филипче истакна дека дијабетот е начин на живот.
„Целокупната филозофија и целокупниот пристап кон овие пациенти е за тие да имаа што понормален живот, посебно децата. Сега имаме три нови инсулини и два нови препарати што овозможуваат уште поголема контрола на гликемијата, а тоа се инсулини кои се и кардио протективни што го штитат срцето и крвните садови и сето тоа укажува како е зголемен квалитетот на животот“, рече Филипче, кој додаде дека утрово на Клиниката за ендокринологија е отворен нов Ендокринолошки дијагностички центар за интегрирана, сеопфатна дијагностика.

Саша Јовановска Мишевска, директор на Клиниката за ендокринологија, дијабетес и болести на метаболизамот, се осврна на стогодишнината од пронаоѓањето на инсулинот и рече дека, во последниве години е достапна и нова генерација инсулински аналози, со што се создадоа услови да се редуцира секојдневниот товар од третманот.

„Кога зборуваме за лицата со дијабетес, не смеме да заборавиме дека тие не се осамени во предизвиците со кои се соочуваат“, посочи Јовановска Мишевска.

(МИА)


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

Банер за Супер7
1x1