ММС
Банер за Супер7

Објавено на: 11/12/21 1:54 PM

Министерот за земјоделство, Арјанит Хоџа поднесе оставка, Беса ќе одлучува дали ќе остане во Владата

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Арјанит Хоџа и генерален секретар на партијата Беса, поднесе оставка од морални причини.

Тој истакна дека оставки поднеле и двајцата заменик-министри на Беса во Владата откако, како што рече, владеачката ДУИ на чело со вицепремиерот Артан Груби го загрозиле демократското право на глас на последните локални избори.

– Ова продолжи на вчерашниот ден кој беше најсрамниот ден за демократијата на нашата држава. Затоа поднесуваме оставка затоа што не можеме да дејствуваме со коалиционен партнер кој користи секакви дејствија со една цел, да останат на власт. Власта за нас не е се и не по секоја цена, сакавме да работиме во интерес на граѓаните и тоа истото ќе го продолжиме во општина Тетово и во општина Желино – истакна Хоџа.

За потегот на неговиот сопартиец Кастриот Реџепи кој не дојде да гласа за недоверба на Владата, Хоџа рече дека тој сам треба да се произнесе.

– Не знам каде се наоѓа Реџепи. Ние очекуваме да се врати како што најавил и да ги објасни постапките. Оставаме да се произнесе за постапките кои не се во согласност на одлуките кои се донесени како партија – истакна Хоџа.

Запрашан дали Беса ќе се приклучи повторно кон Владата или ќе биде во опозиција, Хоџа рече дека за тоа одлуки ќе носи партијата, но потенцираше дека секој влез во Влада во која е и ДУИ е самоубиство за било која партија и затоа се подготвени со Алијанса и со Алтернатива заедно да излезат на брзи предвремени избори за да ја поразат ДУИ.

А, пратеникот на Движењето Беса, Кастриот Реџепи денеска преку својот фесјбук-профил најави дека во понеделник ќе се појави пред новинарите за да разјасни што се случило со неговото вчерашно непојавување во Собранието каде требаше да се гласа за доверба на Владата.

– Почитувани пријатели и семејство, без разлика на вашите политички убедувања. Ви благодарам за грижата и поддршката што ми ја давате. Следниве денови ќе имаме можност подиректно да се информираме за се. Во однос на медиумите и интересот, ги разбирам и ги информирам дека моето прво појавување пред јавноста ќе биде во понеделник преку прес-конференција. На крајот апелирам до раководството на Движењето БЕСА да не презема избрзани чекори кои ќе им наштетат на нашите структури и активисти. Треба да се постапува внимателно, напиша Реџепи.

О.К.


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

Банер за Супер7
1x1