ММС
Банер за Супер7

Објавено на: 11/11/21 4:21 PM

Ако Реџепи од Беса не се појави до полноќ, Заев ќе биде премиер во оставка во следните 90 дена

Собраниската седница за гласање на доверба на Владата се уште не продолжува иако помина повеќе од еден час од дадената пауза. Кворум нема, пратеникот Кастриот Реџепи од Беса го нема, а опозицијата има време само до полноќ да убеди уште еден пратеник за уривање на оваа власт.

Ако тоа не се случи, Зоран Заев, иако е во одложена оставка се додека не се стабилизира земјата, ќе биде премиер во следните 90 дена, а Владата ќе го преживее притисокот од опозицијата која ќе нема право да поднесе интерпелација во следните три месеци.

– Ништо не се случува во моментов. Ситуацијата е статус кво. Не знаеме кога ќе продолжи седницата. Ако до вечер немаме мнозинство за гласање на недоверба, Владата ќе добие нова шанса од 90 дена по кои ќе имаме повторно право да поднесеме интерпелација – велат извори од ВМРО-ДПМНЕ за ММС.

Потпретседателот на Собранието Фадил Зендели даде пауза по барање на Апасиев, кој повикувајќи се на член на Деловникот, побара претседателот на Собранието Талат Џафери да дојде во салата и да ја води седницата, бидејќи не е спречен за тоа.

На претходното продолжение при пребројувањето на гласовите беше констатирано дека во салата има 60 пратеници, откако претседателот на Собранието Талат Џафери излезе од салата, а во неа не беа ниту пратениците од СДСМ и ДУИ.

Пратеникот Кастриот Реџепи од Беса го растури новото мнозинство потребно за гласање на недоверба на Владата предводена од Зоран Заев. Реџепи кого го нема во собраниската сала и без него коалицијата за уривање на владата нема мнозинство се јави на Фејсбук и порача дека не доаѓал во Собранието за да учествува во паѓањето на Владата затоа што од висок дипломатски претставник му било порачано дека во декември Северна Македонија има одлични шанси да добие датум за почеток на преговори со Европската унија.

„Една од главните причини за мојата и Движење Беса на која припаѓам е интеграцијата на евроатлантскиот на РСМ. Имајќи го предвид политичкиот моментум, по одложувањето на оставката на премиерот Заев, заради процесот и силните сигнали од стратешките партнери на САД и ЕУ кои ми беа доставени од висок дипломатски претставник, дека во декември има одлична шанса да имаме датум за почеток на преговорите за членство во ЕУ, решив да не присуствувам на собраниската седница на која ќе се донесе одлука за доведување во прашање оваа витална национална и државна точка. Како одговорен политичар и пратеник, оваа одлука не ја донесов лесно ставајќи го интересот на народот и државата на прво место. На државата во овој важен период не ѝ треба политичка криза и нурнување во немирни води со многу непознати“, напиша Реџепи на Фејсбук.

Неговата партија Беса смета дека тој не го изјавил овој став доброволно и дека се сомневаат дека некој го држи некаде спротивно на неговата волја, а пратеникот Антонио Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ на Фејсбук напиша дека Реџепи ја напишал пораката од Бугарија.

 

О.К.

 

Фото: МИА

 

 

 

 


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

Банер за Супер7
1x1